Во Кремљ се водат разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, пренесуваат руските медиуми.
Путин му се заблагодари на Си за престојот во Русија и изрази подготвеност да ја посети Кина во наредниот период.
Лидерите се согласија дека Русија и Кина развиваат врски во корист на своите народи, а не против други земји, и дека односите меѓу Москва и Пекинг се заемно корисни.
Двајцата лидери, исто така, се согласија да „ја бранат вистината за историјата на Втората светска војна“, како и да продолжат да работат на спроведување на низа билатерални договори.
„Пред 80 години, по цена на големи загуби, рускиот и кинескиот народ извојуваа голема победа, давајќи огромен историски придонес кон целта за светски мир и напредок на човештвото“, рече Си.
Си вчера пристигна во Москва, а се очекува неговата посета да трае до 10 мај.