Имаме основа за „многу, многу стабилен договор со Кина“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп неколку часа пред укинувањето на најголемиот дел од царините кои двете страни си ги наметнаа меѓусебно.
– Време е Кина да се отвори – и тоа е дел од нашиот договор. Ние ќе направиме Кина да се отвори. Според мене, тоа е највозбудливиот дел, додаде американскиот претседател, кој веќе неколку дена е на турнеја на Блискиот Исток, а изјавата ја даде во интервју за „Фокс њуз“ на претседателскиот авион „Ер форс уан“.
Тримесечната пауза на американските и кинеските царини, најавена минатиот викенд по преговорите во Женева, стапува во сила од денеска.
По воведувањето на царини од 145 проценти за кинеските производи увезени во САД и 125 проценти за американските стоки во Кина, Вашингтон и Пекинг се согласија да ги намалат на 30 проценти и 10 проценти, соодветно.
Трамп додаде дека има можност за лични преговори со кинескиот колега Си Џинпинг за договор за конечните детали од трговскиот договор.
– Сакам да кажам, не сум сигурен дека ќе биде потребно, прецизираше американскиот претседател.
– Секогаш сум имал добри односи со претседателот Си, прекинати очигледно поради Ковид-19, истакна Трамп. – Покрај тоа, секогаш сум имал одлични односи со него, чувствувам голема почит кон него и ќе видиме како ќе се одвиваат работите, посочи американскиот претседател.