Достигнувањето до трето последователно финале на ФА Купот и евентуалното квалификување за Лигата на шампионите не е доволно за најдобриот стрелец на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, кој ја опиша сезоната како „ужасна“.
Норвежанецот, кој го продолжи договорот со Сити до 2034 година, за Би-Би-Си Спорт изјави дека играчите не се доволно добри.
-Добра традиција е да се игра на „Вембли“ за важни трофеи. Имаме финале на ФА Купот, кое треба да го играме по ужасната сезона, што кажува сè. Кога ја освојуваш титулата четири пати по ред, а не ја освојуваш петтата, тоа не е успешна сезона. Тоа се стандардите што си ги поставивме самите на себе. Не бевме доволно добри, но сепак се надеваме дека ќе се квалификуваме за Лигата на шампионите, изјави тој.
Сити ќе игра против Кристал Палас во финалето во сабота и е четврти во лигата, два бода пред петтопласираниот Челси.
-Не бевме доволно стабилни, секако имаше повреди во текот на сезоната. Но, не бараме изговори. Секој од нас не беше доволно добар и не бевме на свое ниво, а кога е тоа случај, не се добиваат натпреварите бидејќи првенството е многу тешко, сигурен е тој.
Норвешкиот репрезентативец постигна 21 гол во текот на сезоната, но исто така беше надвор од терените еден месец поради повреда на глуждот во март.