Стопанската комора на Македонија го поздравува влезот на земјава во НАТО, а со овој чин велат се остварува нашата повеќедецениска стратешка цел со која, освен од безбедносен, ни се отвораат големи перспективи и од економски аспект.
– Стабилизирањето на безбедносната ситуација на земјата создава услови и за поширок развој на самото општество, демократијата. Но, влезот во НАТО отвора и значајни перспективи на економски план. Во моментов сите сме преокупирани со коронавирус кризата, но таа во еден момент ќе помине и тогаш ќе почнат да се материјализираат придобивките и за македонската економија, вели главниот советник на Управниот одбор на Стопанската комора, Зоран Јовановски, поосчувајќи ги пред се инвестициите.
Тој додава дека со перцепцијата за намален ризик на земјата се намалува и цената по која земјата позајмува на меѓународните пазари на капитал. Ова значи можност за обезбедување поевтино финансирање на капиталните инвестиции на државата во иднина.
– За можностите за извоз, пак, влезот во НАТО значи и можност за македонските компании да продадат свои производи за задоволување на дел од потребите на НАТО. Македонските компании сега веќе влегуваат во оваа група и за нив ќе се отворат нови перспективи во иднина, истакнува Јовановски.