Пишува: ГОЦЕ РИСТОВСКИ
Почитувана Синоличка Трпкова, актер и универзитетски професор, годинешна лауреатака на АСТЕРФЕСТ, почитувано семејство Тренчовски, основачи и организатори на АСТЕРФЕСТ, почитувана проф.д-р Мимоза Раил, член на Филмскиот совет на АСТЕРФЕСТ, почитувани претставници на медиумите, најнакрај, но не најмалку важно, почитуван Петар Јанков, градоначелник на Струмица, наш гостољубив домаќине денес, во следните неколку денови Струмица ќе празнува чествувајќи ја и славејќи ја уметноста, првенствено филмската но и уметноста воопшто преку повеќето содржини во придружната програма – промоции на книги, работилници, посети на културно историски споменици и духовни светилишта во градот.
Неколкуте деноноќија пред нас ќе бидат празник на културата во Струмица, во Република Македонија и пошироко благодарение на оваа несекојдневна, автентична и ретка манифестација што чекор по чекор, скалило по скалило изгради респектирано место на културната мапа на Балканот, на просторите на Југоисточна Европа па и Европа и светот.
Благодарение на оваа веќе престижна и уважена средба на филмски творци, во Струмица, под ѕвезденото небо на древен Астрион, античкиот град на тлото на денешна Струмица, престојувале знаменити филмски дејци од разни страни на светот кои патем стануваа културни амбасадори на Струмица и Македонија, тржествени афирматори на духовните вредности, природните убавини, на културната традиција и начин на живеење и опстојување на овие балкански ветрометини, а публиката има благопријатна и раритетна можност да гледа филмови, да се восхитува на дела од творци што се закитиле со највисоки филмски признанија и награди, како што е многу посакуваната награда Оскар, релативно кус временски период по нивните светски триумфи. Таквата мисија на АСТЕРФЕСТ веруваме ќе продолжи и во иднина.
Важна е поддршката на манифестацијата од општина Струмица, од Агенцијата за филм на Република Македонија, од спонзорите и поддржувачите, од публиката, а придобивката е повеќестрана: за фестивалот и неговиот натамошен успешен развој и афирмација, за струмичкиот регион и нашата држава и за култивираната и пробирлива публика.
АСТЕРФЕСТ не е единствената значајна манифестација во Струмица. За среќа повеќе се од различни области, со углед и надвор од границите на нашата земја и поддршката од општината и за нив е не само гест на поддршка на културата туку и стратегија за сеопшт подобар живот под падините на Беласица. Некој ќе рече, па многу се културни манифестации. Не се многу, ве уверувам. Добро е кога често се среќаваат уметници, лошо е кога често се среќаваат генерали. Оти, уметноста е обид да се менува светот на подобро, без насилни средства и без пари, ако тоа е можно.
Денес, почитувани, во Златната книга на АСТЕРФЕСТ, своевидна хронологија што се наметнува како културна меморија и сведоштво на времето на Струмица и пошироко за идните генерации, впишуваме уште едно златно име СИНОЛИЧКА ТРПКОВА, можеби не единствена но секако меѓу малкумината одбрани филмски ѕвезди што го освоиле вихренот, врвот на европскиот филм, на филмскиот фестивал во Кан, поздравена со громогласен аплауз од повеќе од десет минути. Нејзината кариера, како што самата вели, е „краткотрајна и експлозивна“. Би рекле таа одненадеж уште во младоста, уште за време на студиите, го осветли филмското небо налик на походот на древната македонска империја на Филип Втори и Александар Македонски што го освои сиот познат свет во тоа време, носејќи космополитизам и мултикултурализам на глобално ниво од што до денес има рефлексии.
По секавичниот блесок со првите успешни улоги на филмот, телевизијата и во театар, во периодот на војната, кога се распаѓаше заедничката држава, Трпкова одбира да живее и работи надвор од Македонија и некогашна Југославија, остварувајќи големи улоги во странски филмови како „Смртта на ученикот“ и „Липстик“.
Сѐ е како што треба, но мнозинството тоа не го знаеме.
Човек може да биде креативен во било која средина. Меѓутоа, највисока степен на креативност и инспирација се постигнува дома и нема нужда да се појаснува зашто е тоа така. Не ни е познато дали поради тоа, но Трпкова се враќа на родното огниште со намера да продолжи, да не престане да твори во Македонија.
Наградите ги потикнуваат уметностите рекол мудриот Кикерон. Но, во совремието, во време на екстремен либерализам, кога парите се наметнати како највисока вредност на човекот и наградите, за жал, сѐ почесто не се валоризација на високите естетски вредности и морални принципи туку надокнада за лојалност, идејна определба и партиска припадност. Бездруго, АСТЕРФЕСТ не го следи овој тренд, не отстапува пред налетите на времето. Секој што ќе го погледне списокот на досегашните награди ќе се увери во тоа. Во таа насока и годинава АСТЕРФЕСТ ги потврдува своите високи естетски и етички критериуми доделувајќи ја својата највисока награда – Наградата за животно дело – на СИНОЛИЧКА ТРПКОВА, како единствена награда дома за нејзината светлозрачна филмска кариера во последните три децении. И покрај сѐ, секоја награда доаѓа навреме со својата специфична тежина.
Реалноста е сурова, животот макотрпен на ова наше поднебје. Помалку или повеќе слична е и сосотојбата во светот. Светот е опасно место за живеење, рекол Ајнштајн. Но, животот е убав, како што е насловот на еден филм на Бора Драшковиќ.
Кога ќе се искачите на највисокиот врв, нагоре повеќе нема. Тоа го потврдува и примерот на феноменалната филмска, но не и само филмска, актерка СИНОЛИЧКА ТРПКОВА. И, сосема следствено, логично, таа искачувањето на филмскиот хоризонт со успех го замени со нов предизвик, со ново искачување, искачување по тешко совладлив врв, со нејзината педагошко образовна и научна дејност, а во областа на филмот напорите ги насочи на опстојба. Уверени сме дека, кога станува збор за нејзината филмска дејност, треба да се проучува не само естетиката на остварените улоги туку и етиката на презентација на филмските роли.
Синоличка играла во филмови што се амблематски за едно време, соработувала со режисери, актери, сценаристи, продуценти, што ја одбележаа втората половина на минатиот век со својата креативност, иновативност и ангажман како што се Столе Попов, Емир Кустурица, Паоло Маѓели, Слободан Унковски, Александар Поповски, Митко Панов, Мето Јовановски, Мики Манојловиќ, Илија Милчин, Ацо Ѓорчев, Милица Стојанова, Ненад Стојановски, Петар Арсовски, Данчо Чеврески, Светозар Цветковиќ, Бора Тодоровиќ, Стево Спасовски, Лазар Ристовски, Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Душко Костовски, Владица Милосављевиќ, Никола Ристановски и други и повеќемина еминетни странски филмски работници.
Многумина ја паметат по антологиските сцени, како сцената за Ѓурѓовден во реката Вардар и сцената во приколката во филмот „Дом за бесење.“ Секако не е само тоа. Незаобиколно, ќе дојде време кога за нејзиното творештво и ангажман ќе се пишуваат анализи, студии, ќе се подготвуваат магистерски тези и докторски дисертации.
Накратко, на крајот ќе се обидеме да го потврдиме/докажеме погоре кажаното.
Неспорно е дека СИНОЛИЧКА ТРПКОВА е обдарена со великолепна актерска дарбина но е и со високо стручна наобразба, на што се надоврзува работа не само на улогите туку и на себеси, со неизмерна љубов кон професијата, со искреност и упорност до тврдокорност… А, нејзините љубопиства по знајба и ука се протегаат на далеку од границите на филмските, театарските и образовните води.
СИНОЛИЧКА ТРПКОВА поседува физичка убавина но и физичка и духовна сила, емоционална интелигенција, желба, страст и мерак кон тоа што го работи. Актерската професија е тешка работа, не само физички туку и духовно. СИНОЛИЧКА ТРПКОВА ги гради своите ликови не само физички, во нив продира длабински и со внатрешна игра ни ги доловува со уверливост и сугестивност и одмерена сигурност. Тоа се огледа, можеби најочебијно, и во нејзината игра без текст, наметнувајќи се како мајстор за невербална комуникација, во нејзината насмевка, во нејзините навлажнети очи, во нејзините складни иако не секогаш елегантни и грациозни движења, во нејзината беспрекорна дикција. И она што притоа е од особена важност, таа ја знае мерката, не си допушта, благодарение на беспрекорната концентрација, да оди надвор од мерата, да заборави дека е СИНОЛИЧКА (изнедрена од Цветанка) цвеќе што прво го пробива мразот и снегот устремено кон сонцето и белата светлина и да се претопи во ликот што го толкува.
И, како заклучок: Кога ја гледаме СИНОЛИЧКА ТРПКОВА во нејзините бравурозни филмски улоги наоѓаме потврда на мислата на великиот Андреј Тарковски дека суштината на уметноста не е да пренесе некакво убедување, идеологија, поглед или сфаќање на уметникот. Суштината на уметноста е да ги разоре, да ги раздроби човечките души и да ги подготви за смртта од која луѓето толку многу се плашат. Прашањето што е суштина на уметноста не е како живееме, туку зошто живееме. Тоа прашање СИНОЛИЧКА ТРПКОВА го поставува преку своите раскошни филмски рољи.
Меѓутоа, за да СИНОЛИЧКА ТРПКОВА е тоа што е покрај очебијните квалитети јасно е дека имала и среќа – да се роди кога треба, во семејство какво што треба, татко универзитетски професор кој и ја всадува љубовта кон природата, кон сѐ што е живо на светот, мајка златоуста актерка, маестрален говорни на есенцијата на јазикот – поезијата, столбник на што се потпираа успесите на македонската радиодрама, брат што се стремел кон медицинската наука. Да се образува на Факултетот за драмски уметности од професори од европски маштаб (Димитрие Османли, Слободан Унковски, Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Данчо Чевревски…) да работи со исклучителни филмски и театарски дејци и среќната околност што узнала среќата да ја бара во себеси. Да гледа низ дуљбија напред и назад низ времето.
Нејзината игра е своевидна мистерија што произлегува од барањето на архетипот на нештата, се восприема како стилизирана патетика, како кореографија на јазикот во нејзината игра без текст, како нешто зачудно, привлечно и длабоко сугестивно, нешто што ќе те замелуши.
Од нејзиното контролирано опуштено лице, или лице со таинствен грч, како синевина, излегува тагата за сите луѓе, за сѐ е живо и сѐ што е убавина и светлина на светов и векот.
Затоа СИНОЛИЧКА ТРПКОВА може да одигра било каква човечка судбина. И цар и говедар и криминалец и хуманитарец и добар и завалија и лош и надмен.
Филмот, магичните подвижни слики, како и човекот пленик на минатото и страдалник со копнеж по иднината, се прави и излегува на јаве и боледува. Го наразуваат вируси, лоши и несоодветни услови. Борбата за здрав филм е напорна и неизвесна. Напати и боли, ама ако не боли нема да помине, како што вели поговорката. Тоа Синолича го знае, оти низ тоа минува.
Почитувана СИНОЛИЧКА ТРПКОВА, драга НОЛИ, нека Петнаесетте тивериополски свештеномачители, заштитниците на Струмица, ги примат нашите молитиви за ваше здравје и среќа, долг живот и нови успеси и нека го осветлуваат вашиот супериорен творечки пат кон убавината и светлината.
Ви благодарам!
4 август 2026, Струмица







