Најмалку 20 лица загинаа, а десетици се повредени при израелски воздушен напад врз училишна зграда во градот Газа, каде биле сместени внатрешно раселени лица поради војната,соопштија локалните здравствени власти.
Меѓу загинатите и повредените има и жени и деца, соопштија медицински извори. На објавени видеа на социјалните мрежи – чие автентичност засега не е потврдена – се гледаат тела со тешки изгореници.
Израелската армија засега нема коментар.
Вчера, според истите извори, животите ги загубиле вкупно 38 лица при други израелски напади. Министерството за здравство на Газа соопшти дека од март, кога Израел го запре примирјето, убиени се 3.785 луѓе.
Во рацете на Хамас сè уште се наоѓаат 58 заложници. Палестинското исламистичко движење најавува дека ќе ги ослободи само доколку се постигне траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Појасот Газа.
Од друга страна, Израелската армија вчера објави дека ги интензивира своите воени операции во Газа.
Воените дејствија започнаа по нападот на Хамас врз израелски населби на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 лица. Според здравствените власти во Газа, од почетокот на израелската офанзива досега загинале над 53.000 луѓе, од кои голем дел цивили.