Руската и украинската делегација денеска во Истанбул, за нешто повеќе од еден час ја завршија втората рудна директни преговори, организирана со посредство на Турција.
– Средбата заврши без негативен резултат, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Онџу Кечели.
Директните преговори се водеа на руски јазик. На средбата Русија и достави на Украина меморандум со условите за целосен прекин на огнот, а Украина предаде список со имињата на киднапираните украински деца, кои треба да бидат вратени во татковината.
Како и на првата средба помеѓу украинската и руската делегација, што се одржа во Истанбул на 16 мај, и денеска е договорена размена на воени заробеници. На првата средба беше договорено размена на воени заробеници „1.000 за 1.000“.
Министерот за одбрана на Украина, и главен преговарач Рустем Умеров потврди дека е договорена размена на тешко повредени, тешко болни и малолетни заробеници, како и враќање на телата на загинатите војници во формат 6.000 за 6.000.
Додека помошникот на рускиот претседател и главен преговарач Владимир Медински наведе дека Москва предлага делумен прекин на огнот за да можат да се земат телата на загинатите војници.
– Предложиме конкретен прекин на огнот во траење од два до три дена на поединечни подрачја од фронтот, за командантите да ги земат телата на своите војници, посочи Медински.
– Повикуваме на вистинска работа за завршување на војната – прекин на огнот, хуманитарни мерки, средба на лидерите. Ако Русија е сериозна, ќе се согласи. Но, ако не, ќе мора да уследат нови санкции, наведе Умеров.
Украина доби од Русија меморандум со условите за целосен прекин на огнот. Умеров потврди дека Украина го примил рускиот меморандум и оти следната недела ќе одлучи за идните чекори.
Украина предложи и одржување на следен круг мировни преговори до крајот на јуни.
– И предлагаме на руската страна следниот состанок да се одржи помеѓу 20 и 30 јуни, посочи Умеров.
Тој додаде дека дотогаш треба да се договори и средба помеѓу украинскиот и рускиот претседател Володимир Зеленски и Владимир Путин, на која евентуално би присуствувал и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Во меѓувреме турскиот претседателот Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Истанбул или Анкара можат да бидат место за средба помеѓу Зеленски и Путин, на која би присуствувал и Трамп.
– Доколку прифатат, би сакал да се сретнам со нив и на тој начин да го претворам Истанбул во центар на мирот, истакна Ердоган, додавајќи дека Турција „ќе преземе конкретни чекори по овој последен состанок“.