Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.