Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука со која независните кандидати за претстојните локални избори ќе можат да учествуваат со само два потписа од избирачи.
Иако на прв поглед станува збор за олеснување, од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која е дел од платформата „Независни заедно“, предупредуваат дека оваа промена не ги решава суштинските проблеми.
„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање на политичката платформа НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО. Воедно, ги повикуваме организираните групи од Македонија да се приклучат, а сите граѓани на Македонија, доколку сакаат да ни дадат поддршка, тоа да го направат оваа недела,“ велат од иницијативата, во објава на социјалните мрежи.
Според нив, новиот правилник ќе има ограничено важност. „Овој правилник ќе важи САМО за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ‘пет до дванаесет’.“
Освен тоа, независните предупредуваат дека останува во сила законската одредба според која тие ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, а не со името на групата. „Ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои ‘група избирачи’ и името и презимето на носителот на листата. Ова отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Пример: Билјана Ивановска и Биљана Ивановска. Ова веќе се случувало на претходни избори.“
Тие дополнително стравуваат од хаос на гласачкото ливче. „Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци со имиња.“
Од „Шанса за Центар“ додаваат дека суштинската нерамноправност останува непроменета. „Исто така, пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет. Нерамноправноста продолжува“.
Ј. Ѓ.
Поврзано: