Американската глумица Џена Ортега проговори за своите предизвици во Холивуд. Имено, за насловната приказна на „Вог Мексико“ (Vogue Mexico), таа зборува за растењето како детска ѕвезда и за своите стравови на снимањата.
Таа истакна и дека порано „не се чувствувала слушната“, меѓу другото.
– Да се биде млада и самоуверена личност е интензивно за многу луѓе, особено за жена. Отсекогаш знаев како е да немаш глас и тоа ме ужаснува. Не сакам повторно да се најдам во таа положба. Важно е за мене да го користам мојот глас на најпрофесионален, најефикасен можен начин. Во поголемиот дел од мојата кариера не знаев како да се изразам, вели глумицата.
Како што објаснува, била многу млада и не знаела речиси ништо за филмската индустрија.
– Можеби поради одредени професионални искуства што ги имав во минатото, а кои беа малку тешки, се затворив во себе и станав многу несамоуверена, продолжува Ортега.
Славата го променила начинот на којшто се претставува себеси пред светот.
– Ме охрабри да станам попретпазлива личност… Порано бев екстровертно дете, но станав порезервирана. Тоа не значи ништо негативно. Само значи дека сега внимателно ги бирам зборовите, појасни Ортега.
Според неа, работната средина секогаш треба да биде искуство на соработка. Најдобрата работа, ќе рече, често произлегува од идеите на група луѓе и колективната визија.