Во областа Кохистан, во Пакистан, овчар неодамна го открил телото на Насирудин, 31-годишен маж кој исчезнал во 1997 година за време на своето последно патување – низ долината Супат, објави порталот „Фосбајтс“ (Fossbytes).
Неговото семејство со десетлетија го барало исчезнатиот, но – без успех. Сега, совршено зачувано и недопрено 28 години во мразот, на неговото мртво тело сè уште била облеката, и негова лична карта.
Научниците велат дека топењето на глечерите во Пакистан, предизвикано од климатските промени, открива и други, долго скриени останки и артефакти.
Наодот потсетува на други познати заледени откритија како што е Еци – „Ледениот човек“. И двата случаи се потсетник и за безбројните сè уште неоткриени човекови трагедии, но и за загрижувачки забрзаното повлекување на вечниот мраз ширум светот.