Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА
Иако дури и голем дел од уредниците во македонските телевизии не успеаја да ја скријат сликата на големото незадоволство на граѓаните од ударот на инфлацијата врз нивните истенчени паричници, факт е дека премиерот Христијан Мицковски неодамна го доби комплиментот за неговата политика на – условно – борба со повисоките цени во продавниците. Она што никој не го виде во практиката кај нас го виде претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој јавно рече дека ќе го копира македонскиот рецепт каде нема директни интервенции во смисла на замрзнување на цени или слично, ама поверојатно ќе се чепне во маржите на трговците за да се дојде до насмевки кај потрошувачите. Иако рецептурата не беше објаснета докрај, просто не се гледа дека постои некое трето решение, уште повеќе што ние самите не се гледаме во таа „размена на искуства“. Просто кај нас имаше навистина таков обид, но да се потсетиме, првиот човек на Стопанската комора на Македонија со писмо (нокаут) до премиерот покажа дека „и над попот има поп“, па на седницата на владата на која требаше да се донесе одлука за смалување на маржите точката се повлече од дневниот ред!
Кога шефот ќе напише писмо
За кусо да се вратиме во 1971 година и фамозното писмо на првиот човек на СКЈ до основните партиски организации кога се мобилизираше членството да го отфрли национализмот во своите редови и да се врати кон коренитото толкување на марксизмот-ленинизмот. Бранко Азески како прв човек на Комората бил некогаш претседател на младината (ова се трга од неговата официјална биографија, нели), ама ако денес има 63 години, споменатото писмо може да го користи преку архивите од она време, просто како метод на дејствување во стилот „одбиј ако можеш“.
Влегувањето на Комората во клинч со владата на Мицковски очевидно дојде од една позиција на укажување на прекршување на договор за соработка, потпишан во март мината година, кога пред изборите првиот човек на „најнародната партија“ си обезбеди комотна позиција кај нималку наивното лоби на менаџерската каста и тоа онаа со поголем број чевли на нозете. Направи тогаш Мицкоски една форма на преддоговор и со многу значајни економисти од друг калибар, да речеме, со еден од првите луѓе на озлогласениот бугарски Мултигруп и тоа во светот донекаде се толерира како предизборна мантра која мора да се мине. Треба да се соберат пари за кампањата. Овој пат, секако, е битна довербата (каков излитен збор), која потоа мораше да се обновува неколку пати во кусо време! Барем со Мултигруп се покажа дека власта на ВМРО-ДПМНЕ умее да замижи пред страшна еколошка хаварија кај рудникот Тораница, која можеше да се види и од Месечината.
Ова само како пример за тоа кој го плаќа цехот од таквите договори.
Чадеж или – коморџијата со лакирани нокти
Споменавме во почетокот на текстот неколку термини како што се – Србија, Вучиќ, Северна Македонија и Мицкоски. Има ли меѓу нив некаква релација? Секако дека постои.
Меѓу начинот на владеење и во Србија и во Северна Македонија има многу сличности, некои би рекле и премногу, освен што има разлика во структурата на бизнисите таму и кај нас. На север од нас, економијата ја водат олигархии, семејствата на политичарите кои се вртат во круг, од функција во функција, чувајќи ги бизнис привилегиите. Обезбедуваат за себе разни милионски провијанти и тендери, но каде веројатно никој и не знае кој е претседател на Стопанската комора на Србија, на пример (Марко Чадеж го тера својот втор петгодишен мандат, а го знаат само по тоа дека има лакирани нокти!)
Како пример за тоа што е олигархиска влада видете ја само мултимилионската трговија со оружје – ниски плати во познатите заводи кои произведуваат експлозиви или куршуми, жиро-сметките завиени во црно а страдањата на вработените при работа се секојдневие. Затоа, пак, извозот на армиски „помагала“ оди одлично и тоа – како парадокс – и на двете страни на украинскиот фронт, на пример. Тој извоз кон сите четири страни на светот се проценува дека остварува годишно преку 1,5 милијарда евра, без оглед на ропската позиција на вработените во оваа специфична гранка.
Министерот за внатрешни работи во оваа земја Небојша Стефановиќ во 2019 година беше осветлен на јавната сцена преку неделникот НИН за функционерот кој е татко на Бранко Стефановиќ кој, пак, води фирма што е четврта најголема според продажбата на оружје на странците. Се работи за извоз на производи од фабриката „Застава оружје“ која годишно „вреди“ половина милијарди евра. За тоа постоеше значаен сведок-соработник на истрагата од фирмата во Крагуевац кој просто „го обра бостанот“; беше апсен, приведуван, затворан, му се уништи семејството… Процесот намерно се одолговлекува и оди кон извесен крај – ќе се најде закачка за семејството Стефановиќ да ужива кога го отвора домашниот сеф и во иднина. Практично, сите пет големи фирми преку кои оваа земја извезува оружје од некогашните наменски фабрики на ЈНА се таков случај. И тоа секако не е сè – и актуелната афера со погибијата на 16 лица под настрешницата во Нови Сад, по која Србија влезе во голема политичка криза – секој ден се откриваат нови докази за тоа кој го води орото во финансиските аранжмани на Власта на претседателот Вучиќ и тоа буквално во секој сегмент. Не заборавајте, тој 13 години е на чело на Србија.
Кога комората беше кадровик на владата
Споредбата на српскиот модел со македонските релации меѓу стопанските моќници и политичката власт, не можат да бидат директно поврзувани или гледани како меѓусебни копии. Сè зависи од тоа за кој период говориме. Кај нас, економските моќници имаа свои претставници во владите, а со ретки исклучоци беа премиери во транзицискиот период (Глигорие Гоговски, на пример, во едно крајно незавидно време). Влезот на еден Кочо Анѓушев во владата на Зоран Заев или министерката за финансии Нина Ангеловска во истото доба, јасно го покажаа апетитот на коморџиите да влезат во самиот врв на власта. Првата инфилтрација ја направија по еден спектакуларен пречек на Заев во салата на Комората по формирањето на неговата влада. А очевидно дека новиот тогашен премиер го покажа својот талент да избира погрешни луѓе – Анѓушев се најде подоцна на црната листа на САД без Заев да забележи! Очевидно и Нина Ангеловска како подоцнежен, но стратешки избор на Комората за министер за финансии, стана видлива дури откако направи скандал со класична злоупотреба на својата функција, за да ги извлече своите лични пари од сефот на банката на Трифун Костовски, пред истата да замине во стечај!
Не смееме да сметнеме од умот дека и самата Комора направила валкан предлог со нејзиното инаугурирање, како апсолутен почетник за таква функција, можеби дури и преку притисок врз Илинденска број 2. Впрочем, со нејзиниот избор, СДСМ направи класично салто мортале, преку фактот што го смени министерот Драган Тевдовски кој беше дел од една екипа која можеби една деценија претходно ја готвеше економско-социјалната програма наречена „враќање на средната класа“, како стожер за она на што ќе се работи ако СДСМ дојде на власт! Во таа екипа во владата влезе и Мила Царовска како министерка за труд и социјала, токму на место каде што требаше. Царовска, по смената на Тевдовски, кој за своја десна рака го имаше познатиот економист Бранимир Јовановиќ (денес работи во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, да потсетам), беше времено трансферирана на функцијата министерка за образование, но и тука не предолго! Самата ротација Тевдовски – Ангеловска не беше обична смена, таа беше кадровско решение со кое се напуштија социјалдемократските корени, кои очевидно не ѝ беа по волја на екипата на Азески! Капиталот сакаше да ги сочува своите интереси! А СДСМ заборави што му донесе поддршка кај гласачите.
За разлика од времето на двоецот Груевски – Мијалков, кога никој не помислувал нешто да приговара со било кого од тесниот владин, поточно семеен круг, во однос на било каков аспект од нивното владеење, Азески и екипата почувствуваа дека дошле нивните пет минути кога можат да се осмелат да се мешаат во тековната економска политика. За нивна жал, владата на Заев влезе брзо во период кога мораше да води три големи битки со фактори што беа надворешни – епидемијата од короната, економските кризи заради влијанието на епидемијата врз слободниот проток на стоката и потоа енергетската криза која беше исто така планетарна. Сите тие ситуации секако не дозволуваа моќниците од Комората да приговараат: извршната власт дури целосно ги замени „способните“ менаџери по фирмите!
Комората и транзицијата
Да си дозволиме мал рикверц – пред Азески да дојде на таа функција (2005 година), со постарата Комора, тогаш единствена, од сега двете постојни – цели 15 години управуваше Душан Петрески. Практично, од осамостојувањето на земјата, како активен учесник во трансформацијата на клучните институции и приклонувањето кон механизмот на трипартизмот, класично оружје за нивелирање на социјалните разлики. Не беше премногу видлив и никого не влечеше за ракав или не дај боже да покаже било каква форма на нападна самољубивост, уште помалку нахалност. Ова секако произлегува од тоа што големите стопанственици имаа коалиционен капацитет во првите влади и неизбежно одлучуваа за многу работи, а згора, земјата беше под постојани ембарга на јужните граници. Проблемите настанаа после изборите во 1994 година кога некои членки во коалицијата (либералите, пред сè) имаа нереализирани кадровски апетити, врзани за повторното кандидирање на претседателот Киро Глигоров за таа функција.
Гледано од аспект на настанатата ситуација, либералите како дел од коалицијата ги заладија односите внатре, а таа промена реално не се рефлектираше во своевидно поинакво гледање кон по малку апатичната Комора. Ниту промената со доаѓањето на власт на коалицијата „тајванска милијарда“ (Васил Циле Тупурковски и Љубчо Георгиевски) не донесе видлива промена во триаголникот Влада-Комора-Синдикат како основа на водењето на стабилна економска политика.
Но веќе имавме први појави на грубо кршење на демократските узанси, манифестирање на лажни надежи (милјардата де) која донесе прва и значајна меѓународна изолација (од Кина, да не навлегуваме во детали), потоа добивме изолација на односите со Србија, што беше под меѓународно ембарго, што нашите тогашни, но и идни моќници ја претворија во своевидна економија од типот „шверц комерц“. И да не заборавиме дека тоа беше време кога со големите стопански фирми, па и цели банки, управуваа вмровските стари ергени, како избрани лица, не заради своето убедливо аналфабетство во однос на доверената материја, туку заради фактот дека ако утре одговараат за нешто „тие барем немаат семејства“ во однос на сопартијците од нивниот ков.
Во тоа време се измешаа темелите на државата, а и добрите узанси во стопанисувањето. Не беше добар стопанственик оној кој чесно работи, туку оној кој „се снаоѓа“ и кој со пари може да си купи простор за себе. И конечно, имавме војна и кај нас дома (2001 година) што ниту малку не беше основа за набљудувањето на односите во земјата низ некоја призма на здрава економска логика.
Новите лидери излезени од темнината на антиевропејството
Периодот 2002 – 2006 година значеше внесување на мир и спокојство што надворешната, европска јавност ја награди со отворање на преговори за пристап во Унијата. Јасно, потписите на Охридскиот договор за опозицијата беа еден вергл, инструмент кој значеше постојан напад врз власта, особено изразен со т.н. регионална поделба, а во тоа време Буш Јуниор, како светски лидер, но и личен пријател на претседателот Борис Трајковски со т.н. признавање на земјата под уставно име запечати многу опозициони усти.
И тогаш, да се вратиме на темата – од темнината на издржуваните „нови лидери“ во сенка – се покажа дека се работи за пари кои доаѓаа главно од македонскиот Телеком, тогаш во (внимавајте!) унгарско сопствеништво. Клучните членови во нешто што се нарекуваше ново крило на ВМРО-ДПМНЕ минаа низ „чистилиштето“ на партијата на Тупурковски, дополнително „прихранувани“, стана новата олигархија во кошулата на ВМРО. Сместени во мал стан над зградата на „Рекорд“, која, колку што знам, нема ниту парно греење иако е во строгиот центар – тие го чекаа својот миг. Тоа беа времиња кога ние врз основа на еден вид на семејно-пријателски капитализам, споен со силни позиции во врвот на власта кај нас гледаме премиера на она што подоцна ќе стане вучиќев систем!
Како што како министер-почетник, Груевски, им држеше на белградските власти предавање за данокот на додадена вредност (ДДВ), инаку изнедрено во власта на СДСМ, Груевски потоа како премиер даде урнек за еден систем – монструм кој постои на север од нас! Посебна заслуга за инаугурацијата на Груевски во зградата на Илинденска имаше меѓународната корупција, врзана за објектот на ТЕЦ Неготино кога во трката се вклучи и бугарскиот интерес и оној на Медлин Олбрајт, американска висока функционерка преку тогашната американска амбасадорка во земјава. Груевски ги извиси и двете страни, што ќе биде долго недопирлива за правната држава и ќе нè воведе во меѓународна изолација
Телото е еднопартиско, кошулата наводно плуралистичка
Тоа е оној миг, кога политичкиот врв ги држи сите конци и во економијата преку свои фирми и привилегии што тие, нормално ги уживаат. Доволно е да се покаже визит-картата, како легитимација која ги отвора сите врати и става стаклен ѕвонец за нив во хипотетичката активност на третата власт. Дури и како структура, па и дел од поновата историја, добиваме уште еден доказ за споени садови меѓу Скопје и Белград – имаме наводно плуралистичка демократија, ама тоа е само кошула врз едно тело кое е еднопартиско. Кај нас, на ВМРО-ДПМНЕ, во Србија на Шешељ, а потоа на она што денес е СНС на Вучиќ.
Сè што ќе посакаше двоецот Груевски – Мијалков (или треба да се пишува по обратен редослед) беше нивно – дали се работи за „џабалеску плац на Водно“, дали треба да се руши цела изградена и наменска населба Олимписко село за да никнат нови и скапи згради, да се одземат индустриски капацитети, земјоделско земјиште, преку било чии акции и слично, да не зборувам за тендери (она легендарно 3 или 5 отсто провизија од кинеската инвестиција која нè чини прескапо и не престанува да ги арчи јавните пари) беше сурово казнувано. На сметка на буџетот, пред сè („ние немаме за леб а тие бараат чоколадо“ – призна министерот за финансии Ставревски во таа влада во разговор со неговата колешка, првата функционерка во МВР). А и олигарсите беа секојдневен предмет на уцени, на преземање бизниси, па и на видливи ќотеци – раскрвавени бели кошули при излезот од ноќните клубови на моќниците). И самата зграда во која е денес сместена ВМРО-ДПМНЕ, палата во центарот на градот е изградена како гратис од човекот од бизнисот – Минчо Јорданов (металургија, градежништво) како гратис поддршка за оние кои без никаков усул управуваа со земјата.
Во игра влегуваше често и Миле-ми-текна-Јанакиевски како другар од студентските клупи на премиерот и секако други високи функционери кои убаво ја лепеа својата позиција со влезот на добивките на нивна сметка. Сите што го преживеаја периодот 2006 – 2016 година добро знаат што се случуваше во тој период. И актуелната ситуација со преземањето на Стопанска банка Битола од страна на една не до крај дефинирана банка од Србија во овој миг, само потсетува на тоа како своевремено беше купувана сопственоста над таа банка. Се работи за активноста на Орце Камчев кој преку преземањето на оваа банка влезе во најпродуктивниот сегмент од прехранбено-земјоделскиот комплекс во земјата (ЗИК Пелагонија, Здравје Радово, Европа Скопје…), а потоа продолжи со селење на нашите извозни фаворити во странство, како технологијата, знаењето и капиталот во Ростов на Дон. Воедно дојде до судир на релација Северна Македонија – Бугарија бидејќи тој козачки скок на Камчев со нудење на место почесен конзул на Софија во земјава се испречи премиерот Заев! Овие дејности јасно покажаа дека позициите на домашната олигархија имаат силна меѓународна конекција, со што се објаснува антизападната позиција во економијата и дипломатијата.
Тие ориентации, како и форматот на владеењето и во Србија, лесно доведе до тоа режимите на Вучиќ и на Груевски да станат поврзани садови. Апсењето на братучедот на Груевски – Сашо Мијалков на белградскиот аеродром своевремено во крајно компромитирачки околности и неговото експресно пуштање е доказ дека врската добро функционира. Вмешаноста на Србија во обидот за пуч од 27 април 2017 година, како и бегството на експремиерот Груевски со помош на унгарски полицајци и белградска дополнителна заштита само ја нацрта меѓународната коалиција за која мнозинството Македонци се правеа дека не ја гледаат.
Се слушна ли нешто од Комората во она време?
И дали во тие времиња претседателот на Комората, Азески, беше видлив? Пишуваше ли некому од власта писма или ги влечеше за ракав како што тоа сега му го прави на Мицкоски? Јас не се сеќавам.
И сега, да направиме скок во настаните од ланските избори. Токму Мицкоски и Азески есента 2022 година решија да започнат ново и долго пријателство како оние двајца ликови од последната сцена на „Казабланка“. „Енергетската и економска криза ќе трае, државата со сите политичко-институционални чинители мора да седнат заедно и итно да најдат решение како да им се помогне на граѓаните и стопанството, порача денеска претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, токму на тема криза. Христијан Мицкоски порача дека предизвиците се и ќе бидат огромни, ама стопанството според него, за жал, не е во фокусот на владините политики“ – рекол Азески додека тогашната влада гаснеше многу пожари во исто време и додека ги покриваше дури и платите на „големите фирми“ од неговата Комора.
Јасно беше уште тогаш дека овој договор се правеше во обид да се инсценира голема криза и да се предизвика ново пребројување на мнозинството во Парламентот, кога скопјани требаше зимата да ја дочекаат со студени радијатори… Екипата на Димитар Ковачевски, новиот премиер, со решителни чекори, за неколку дена, ја надмина кризата која имаше иницијална каписла во термоцентралата на гас во Ќерамидница со нејасно потекло (никој не сака да го каже, нели), а криза со енергијата секако немаше, иако секако нечии интереси во бизнисот со горива длабоко беше нарушен! Се надмина и политичката криза – владата доби свое мнозинство, но не го доби она што беше неопходно да се продолжи со приближување до Унијата, што беше клучна цел. Без тие 80 гласови од пратеници во Парламентот за што постоеше и меѓународна инспирација, земјата остана изолирана и оставена како сираче среде интересите на Унгарија и Србија, плус профитот од тоа кај барем половината од кремот во Бугарија, а за Кина и Русија и да не говориме.
И дојдоа новите избори. За да не задоцнат, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Стопанската комора во март 2024 година се сретнаа и според МИА, „Мицкоски вели дека ВМРО-ДПНЕ нуди остварлива економски програма, Азески порачува дека бизнисот веќе нема да дозволи да биде излажан од политичките елити“. Пораката барем до бизнисот беше јасна – следете ја трагата на Азески…“.
Значи поставената цел на коморџиите беше да не се пробува со влез во владините ресори, што го правеа кај Заев, туку просто да го држат премиерот на кусо јаже. Тие тоа одвреме-навреме и го правеа доста нападно – повлекувањето за ракав на костумот на Мицкоски, една легендарна сцена од политичката хроника во последните две години, со цел премиерот да не бега од просторијата, додека не се провери лекцијата која на Илинденска требало да се научи уште во споменатиот март 2024 година.
Кога се случуваше нокаутот на владата?
Да видиме кои точки од програмата на владата беа нападнати и добиени – да не се примени правилото недела како неработен ден во трговијата (со извесни валери), да се престане со трипартизмот како основ за договарање на цената на трудот, да се сопре било какво контролирање на цените на производите, било со нивно замрзнување (имаше неколку куси и непродуктивни) било со смалување на маржите (за што беше предложен закон и ставен на дневен ред на седница на Влада)… А последната мерка која Вучиќ ја најави за Србија кај нас беше спречена преку едно демонстративно писание кое погоре го споредивме со Титовото писмо до месните комитети во 1971 година. До некаде е разбирлив и интересот во Комората за тоа како ќе се делат парите од унгарско-кинескиот кредит вреден една милијарда евра, пред сè, заради хроничната неликвидност на стопанството, но за оваа коморска позиција немаше силни сигнали и парите исчезнаа или беа делени нетранспарентно за само на партијата познати адреси; згора, нема трага за барем половина од кредитот.
Што е целта која се постигна со тие политики на условувања (главно еднонасочни)? Па ништо од тоа за што говореше Азески во едно од своите подолги интервјуа.
Фалбите на Азески во интервјуто не се поткрепени, а од аспект на стварноста, тие се и апсурдни. Економијата е девастирана, инфлацијата нескротлива (тоа деновиве го призна и министерката за финансии), пензискиот систем беше пред распад, а дека нема да се поправи е повеќе од јасно, бидејќи е разнишан темелот на кој почива Фондот… За ова последното Азески не се јави, иако тоа е битно прашање и за менаџерите во земјава, секако. Тој, што би рекле средношколците – „избегал од час“ кога требало да се расправа за ова прашање. Ако не се расправало, требало тој да го иницира.
Како стоиме со растот на економијата? Па, никако. Дали сме добри кај размената на стоки со странство? Каква е непосредната иднина на нашата економија кога фирмите кои до сега нè одржуваа некако во барем мала кондиција – слободните зони – ги отпуштаат работниците масовно, а многу наши производители кои буквално зависат од американскиот пазар сега се секако во небрано: што да се каже за Макстил кој уживаше бенефит во САД, а сега треба да плаќа огромни увозни такси? Слушам дека и во Ладна валалница нешто слабо се работи! Скопска Европа профитираше на американскиот пазар со своите слатки за Нова година, а сега? Треба да се редат фирмите и понатаму? Дали Азески размислувал на оваа тема и дали за тоа предложил некакви разговори со Мицковски, кога веќе се фали со меѓусебните релации?
Ништо од нивниот однос за кој доста кусо, но речито говореше Бранимир Јовановиќ за ЦИВИЛ пред некој ден. Tој тврдо ја дефинираше нашата економија како олигархиска во една своја објава на социјалните мрежи, пренесена во порталот Пари.
А по овие дефиниции да додадеме дека олигархијата секогаш може да биде задоволна, но затоа имаме масовно осиромашување и немотивираност кај оние кои на крајот мора да ја креираат економијата – работниците. А Северна Македонија? Кои се нејзините перспективи? Смее ли некој да прогнозира посветла иднина, а да не излаже?
Уф, многу прашалници, но тие се израз на очајната состојба која секако се базира на врските меѓу власта и Комората.