Заменик министерот за здравство, Асим Муса, поднесе оставка по објавувањето на видеото во емисијата „Фикс Фаре“ на ТВ Топ Ченл во Албанија. На видеото што беше објавено се гледа како заменикот министер зема 50 евра „за кафе“, додека се договара со „пациент“ за операција што чини над илјада евра.
Муса на денешната прес конференција не дозволи прашања. На албански и македонски јазик го прочита својот говор и потоа замина, очигледно, без намера да одговори на новинарските прашања.
Тој тврди дека е наместен од луѓе што сакаат да фрлат дамка врз него. Вели дека не ја злоупотребил функцијата и дека ќе продолжи да работи како лекар.
„По инсистирањето на пациентот, јас го известив дека операцијата за странски државјани кај нас се плаќа приватно и го информирав за можниот трошок за здравствената услуга и за целата процедура. Нема да дозволам цели овие 23 години инвестиции во професионалноста, во семејниот и општествениот кредибилитет, да биде нарушен со ваква политичка пропагандна. Убеден во мојата праведност и моите семејни и професионални вредности, Ве известувам дека донесов одлука да се повлечам, за да ја расчистам оваа импонирана дамка од нечесната стапица против мене лично и против професионалната работа која ја вршам“ – рече Муса на прес конференцијата во медија центарот на Владата.
Министерот за здравство, Венко Филипче јавно ја осуди постапката на својот сега веќе поранешен заменик, Асим Муса.
Струшкото јавно обвинителство отвори предмет по објавената видео снимка. Алијансата за Албанците бара државните институции да го истражат случајот. Артан Груби од ДУИ, пак, смета дека со оваа оставка се докажува чесноста на неговата партија.