Вселенскиот брод што ќе ги однесе астронаутите до Месечевата околина за првпат по повеќе од половина век доби име – „Интегритет“ (Integrity).
Четворицата членови на мисијата „Артемис 2“, кои треба да полетаат на патување околу Месечината најрано на 5 февруари 2026, денеска го објавија името на својата капсула „Орион“.
„Името Интегритет ја претставува основата на довербата, почитта, искреноста и скромноста кај екипажот и илјадниците инженери, техничари, научници, планери и визионери потребни за успех на мисијата,“ соопштија од НАСА.
Агенцијата додава дека изборот е и „потсетник на огромниот интегриран напор – од над 300.000 компоненти до илјадници луѓе ширум светот – кои мора да се обединат за да се стигне до Месечината и назад“.
Екипажот го сочинуваат командантот Рид Вајзман, пилотот Виктор Гловер и специјалистите за мисијата Кристина Кох и Џереми Хансен. Првите тројца се астронаути на НАСА, а Хансен доаѓа од Канадската вселенска агенција.
„Артемис 2“ ќе полета со ракетата Space Launch System во временски прозорец од 5 февруари до 26 април наредната година. Мисијата ќе трае околу 10 дена и ќе вклучи патување околу Месечината и враќање на Земјата.
„Се заклучивме во карантинската просторија и почнавме да размислуваме од големи кон мали идеи. На крајот сфативме дека нашата главна цел е да донесеме мир и надеж за целото човештво. И така, кога сè ќе се спои, се создаде магија. Затоа ќе летаме околу Месечината во капсулата Интегритет,“ изјави командантот Вајзман.
Мисијата нема да слета на Месечината, но ќе биде првиот екипаж што ќе ја посети нејзината околина од „Аполо 17“ во 1972 година. Таа ќе го трасира патот за „Артемис 3“, која се планира во 2027 да спушти астронаути на јужниот пол на Месечината.
Програмата „Артемис“ има за цел да воспостави долгорочно човечко присуство на и околу Месечината, а стекнатите искуства да послужат за идни мисии кон Марс.
Редакција Фронтлајн
Прочитајте и…
НАСА планира мисија околу Месечината со екипаж во февруари 2026 година