Порториканскиот рапер и добитник на „Греми“, Бенито Антонио Мартинез Окасио, познат под сценското име Бед Бани, ќе го има главниот збор на полувремето на „Супербоул“ следната година, соопшти НФЛ. Со тоа, се стави крај на гласините дека Тејлор Свифт е закажана за шоуто на полувремето на финалето во американско рагби.
Бед Бани (31), кој претходно овој месец изјави дека нема да настапува во САД на неговата светска турнеја што почнува во ноември „поради загриженоста за рации кон имигрантите во САД на неговите концерти“, ќе биде во центарот на вниманието на финалето во Санта Клара, Калифорнија, САД, на 8 февруари.
– Она што го чувствувам оди подалеку од мене. Тоа е за оние кои дојдоа пред мене и истрчаа безброј јарди за да можам да дојдам и да постигнам тачдаун… Ова е за мојот народ, мојата култура и нашата историја, вели уметникот во соопштението од НФЛ.
Настапите на полувремето на Супербоул-финалето традиционално ги привлекуваат најголемите имиња во музичкиот свет. Меѓу поранешните изведувачи се: Мајкл Џексон, „Ролинг стоунс“, Мадона, Брус Спрингстин, Принс, Пол Мекартни, Бијонсе, Џенифер Лопез, Џастин Тимберлејк, Снуп Дог, Мери Џ. Блајџ и Кендрик Ламар. Бед Бани беше спореден настапувач покрај Лопез на Супербоулот во Мајами во 2020 година.
Неодамнешните написи и наводи говореа дека следна на тој список е Тејлор Свифт, која сепак, ја одбила можноста да настапи на шоуто.