Американската компанија за развој на вештачка интелигенција Опен АИ (Open AI) денеска воведе мерки за безбедноста на тинејџерите кои ја користат алатката ЧетЏиПиТи (ChatGPT).
Новите опции им овозможуваат на родителите да го поврзат својот профил со профилот на своето дете и да ги прилагодат поставките за побезбедно корисничко искуство.
Тие ќе можат да поставуваат временски ограничувања за користење на алатката, да го исклучуваат гласовниот режим или генерирањето слики и да ја контролираат употребата на меморијата на четботот.
Кога профилите се поврзани, профилот на тинејџерот автоматски добива дополнителна заштита, вклучувајќи намалување на експлицитна содржина, онлајн предизвици, сексуалент, романтичен или насилен материјал и екстремни стандарди за убавина.
Доколку ChatGPT открие потенцијални проблеми со менталното здравје на корисникот, човечки рецензент проценува дали родителот ќе добие итно известување преку е-пошта, текстуална порака или известување во апликацијата.
Open AI на својата веб-страница соопшти дека родителите нема да имаат пристап до разговорите на тинејџерите со самиот четбот, со што ќе се почитува приватноста на корисниците.
Компанијата, исто така, планира да имплементира систем за автоматска проценка на возраста на корисниците во наредните месеци, така што ChatGPT автоматски ќе ги применува поставките за тинејџери под 18 години.
На крајот на август, еден пар од Калифорнија поднесе тужба против компанијата Open AI поради самоубиството на нивниот син Адам Рејн, бидејќи сметаат дека ChatGPT не одговорил соодветно кога тинејџерот му укажал на четботот дека сака да си го одземе животот, јавија американските медиуми.