Клучно за одбранбена подготвеност на Европа е создавање на засилена, отпорна и иновативна европска одбранбена индустрија, која ќе произведува најсовремена воена опрема, брзо и во доволен обем, па затоа за две недели ЕУ ќе презентира „Патоказ за подготвеност 2030“, изјави претпладнево претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред седницата на Колеџот на комесари посветена на одбранбени и безбедносни прашања, на која присуствува и генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
– Го свикавме овој состанок за да разговараме за безбедносната состојба во Европа и да ги чуеме мислењата на НАТО. Зачувувањето на мирот отсекогаш било основна задача на Европската Унија и иако инструментите се менувале со текот на времето, целта останува иста, рече Фон дер Лајен придружувана од Руте.
Таа нагласи дека Европа мора да даде силен и заеднички одговор на упадите на руски беспилотни летала на територијата на ЕУ, па затоа Европската комисија ќе предложи итни мерки за создавање на „Ѕид од дронови“ како дел од иницијативата на НАТО, „Источна стража“.
– Мора брзо да се движиме напред заедно со Украина и во тесна координација со НАТО. Потребни ни се капацитети кои се интероперабилни со НАТО. За да го постигнеме ова, потребни ни се повеќе заеднички набавки, рече претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен потсети дека во изминативе месеци ЕУ презеде чекори без преседан поврзани со одбраната, како промовираната „Бела книга“ со стратешките одбранбени насоки и приоритети, предлогот за нови начини за финансирање на одбраната, како и создадениот инструмент „Безбедносна акација за Европа“ (САФЕ), најавувајќи дека за идните безбедносни планови ќе се разговара и на утрешниот неформален Самит на Унијата во Копенхаген.
Таа се осврна и на состојбата во Украина, посочувајќи дека поминаа три години и седум месеци од почетокот на руската агресија, а украинските сили продолжуваат да се спротивставуваат на бојното поле, практично не отстапувајќи ни педа територија оваа година.
– Во последните 1000 дена, Русија зазеде само еден отсто од окупираната територија во Украина и покрај тоа што оваа година своите животи на бојното поле ги загубија повеќе од четвртина милион Руси. А Русија се повеќе е и под економски притисок. Каматните стапки се на 17 отсто, а инфлацијата е далеку над 10 проценти. Цврсто верувам дека сме во момент кога решителната акција од наша страна може да доведе до пресвртница во овој конфликт, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на Еврокомисијата додаде и дека санкциите на ЕУ кон Русија функционираат, посочувајќи дека се предвидува оти растот на рускиот БДП ќе забави од 4,3 отсто во 2024 година на 0,9 проценти во 2025 година.
– Треба да го зголемиме притисокот. За таа цел предложивме нов пакет санкции со цврсти мерки за енергетиката, финансиските услуги и трговијата. Еден од неговите клучни елементи е забраната за увоз на течен природен гас од Русија, рече Фон дер Лајен.
Паралелно со ова, според неа, потребно е и зајакнување на воената помош за Украина, од кои две милијарди евра ќе бидат потрошени за зголемување на украинските капацитети за производство на дронови.
– Сепак, потребно е поструктурно решение за воена поддршка. Затоа ја предложив идејата за „Заем за репарација“ од замрзнатите руски средства. Кредитот нема да биде исплатен одеднаш, туку во транши и под одредени услови. Ќе ја зајакнеме и нашата сопствена одбранбена индустрија со тоа што ќе обезбедиме дел од кредитот да се користи за воени набавки во Европа и заеднички со Европа. Важно е дека нема заплена на средствата. Украина ќе мора да го врати кредитот, доколку Русија плати репарации. Сторителот мора да преземе одговорност, заклучи Фон дер Лајен.