Сара Малали е назначена за нов надбискуп на Кантербери, станувајќи духовен водач на 85 милиони англиканци ширум светот и првата жена што ја извршува оваа улога во нејзината 1.400-годишна историја.
Како што пренесува Си-ен-ен, 63-годишната Малали беше назначена за епископ на Лондон во 2018 година – третиот најстар епископат на Англиканската црква по надбискупиите на Кантербери и Јорк. Пред нејзиното ракополагање, Малали работеше како медицинска сестра во болниците во Лондон, а потоа служеше како главен медицински службеник за Англија.
Малали ќе претседава со институција која се бори да остане релевантна во посекуларна нација, обидувајќи се да ги премости јазовите меѓу нејзините поконзервативни и полиберални крила и борејќи се да ја врати довербата по скандалот со прикривање на злоупотреба на деца.
Џастин Велби, поранешниот надбискуп, поднесе оставка минатата година поради неговото непријавување на Џон Смит, кој беше обвинет за физичко и сексуално злоставување на десетици момчиња, вклучувајќи ги и оние што ги запознал во христијанските кампови, во 1970-тите и 1980-тите.
Осудувачки независен извештај откри дека до 2013 година Англиканската црква „знаела, на највисоко ниво“, за злоупотребата на Смит, вклучувајќи го и Велби, кој станал надбискуп таа година.
Оставката на Велби, според црковниот историчар Диармајд МекКалох, била „историска и без преседан во 1.427-годишната историја на надбискупите од Кентербери“, со оглед на тоа што ниту еден претходен надбискуп не се повлекол поради обвинувања за небрежност поради сексуална злоупотреба.
Д. Мишев / Цивил Медиа