Иран не планира „во оваа фаза“ да ги продолжи разговорите со европските земји за својата нуклеарна програма, и покрај продолжувањето на санкциите, соопшти иранската дипломатија.
На иницијатива на Франција, Германија и Велика Британија, на 28 септември, ОН ги врати санкциите против Иран поради неговата нуклеарна програма.
-Во оваа фаза не планираме преговори, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, на прес-конференција, додавајќи дека Иран ги проучува „последиците“ од продолжувањето на санкциите што беа укинати пред десет години.
„Секако, дипломатијата, во смисла на одржување контакти и консултации, ќе продолжи“, нагласи тој. „Секој пат кога ќе процениме дека дипломатијата може да биде ефикасна, сигурно ќе донесуваме одлуки во согласност со интересите и приоритетите на земјата“.
Нуклеарната програма на Иран долго време ги затегнува односите со западните сили, вклучувајќи ги и САД, кои, заедно со Израел, се сомневаат дека Техеран се стреми да развие нуклеарна бомба. Иран негира какви било такви воени амбиции, но инсистира на своето право да користи нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за производство на електрична енергија.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран е единствената земја без нуклеарно оружје, но збогатува ураниум до 60 проценти, блиску до техничкиот праг од 90 проценти потребен за производство на нуклеарна бомба.