Значителни оштетувања има споменикот на културата во Струга кој беше оштетен при ископ за изградба на соседен објект. Од Министерството за култура попладнево информираа дека срушен е јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција.
– Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029. При увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект. НУ Завод и музеј – Охрид го достави наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување, велат од ресорното Министерство.
Оттаму посочуваат дека инспекциската служба при Управата за заштита на културното насчедство ќе постапи согласно своите надежлности со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата кој е заштитен со решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година.
– Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава, се наведува во соопштението.