Израелската агенција за воена помош COGAT денеска соопшти дека се во тек подготовки со Египет за отворање на главниот граничен премин Рафах со Газа за движење на луѓе, а датумот ќе биде објавен подоцна.
Израел претходно предупреди дека може да го држи Рафах затворен и да ја намали помошта за палестинската енклава затоа што Хамас, како што рече, бил премногу бавен во враќањето на телата на заложниците.
Ова ги зголемува влоговите за примирјето што ја запре двегодишната разорна војна и овозможи ослободување на сите живи заложници што ги држеше Хамас.
COGAT, огранокот на израелската војска што го надгледува протокот на помош во Појасот Газа, соопшти дека хуманитарната помош сè уште влегува на територијата преку преминот Керем Шалом и на другите премини.
„Треба да се нагласи дека хуманитарната помош нема да помине низ преминот Рафах. Ова никогаш не било договорено во ниту една фаза“, додаде COGAT во соопштение.
Два извори вчера изјавија дека се очекува преминот Рафа да се отвори за патници уште денеска.