Партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни препукувања за резултатите на локалните избори.
– СДСM на овие локални избори доживеа историски дебакл. СДС во главниот град отиде до таму да не може да влезе ниту во втор круг. Во главниот град Скопје се дури четврти, пред нив трети се дури и Влен. СДС предводена од Венко Филипче го изгуби во прв круг и бастионот Струмица. ВМРО-ДПМНE пак ја освои Струмица во прв круг. Граѓаните и во бастионот на СДС јасно им кажаа не за нивните политики. Венко Филипче ни помалку ни повеќе ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поточно СДС не успеа да го заземе второто место, односно или се трето, а некаде дури и на четврто место. Таков е случајот во следните општини Битола, Брвеница, Бутел, Дебарца, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Брод, Могила, Долнени, Куманово, Шуто Оризари, Скопје. Резултатите од првиот круг избори јасно покажуваат дека СДС предводена од Венко Филипче заедно со неговиот струмички гуру Зоран Заев покажаа целосна безидејност, немање на никакви проекти, односно ништо не им понудија на граѓаните со што се потврди нивната грижа само за нив лично. Резултатите од овие избори целосно го декласираа Венко Филипче. Единствениот добар и користен потег што може да го направи за народот и за самата СДС е да си поднесе оставка“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, истакнуваат дека „ВМРО-ДПМНЕ загуби фантастични 140.000 гласови, разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ значително намалена“.
По преброени 99% од гласовите, се потврдува она што СДСМ го говореше, а тоа дека оваа власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на овие избори ќе изгуби огромен број на гласови, соопштуваат од СДСМ.
„Споредбените анализи со изборните резултати од минатата година покажуваат дека ВМРО–ДПМНЕ и ЗНАМ имаат изгубено по речиси една третина од гласовите. Падот на ВМРО-ДПМНЕ е фантастични 135.000 или 30,8% од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласови, односно е најголем губитник и има изгубено 33% од гласовите.
За разлика од нив СДСМ има изгубено само 18% од гласовите што, ако се земе предвид пониската излезеност речиси да нема загуба. Левица, која вчера триумфалистички излажа дека станувала лидер на опозицијата има изгубено ист процент на гласови како СДСМ, со мало подобрување на резултатот на на ниво на градот Скопје. Левица сумарно има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ со што е јасно дека ваквите еуфорични лаги на Апасиев немаат допирна точка со реалноста“, соопштуваат од СДСМ.