Американската филмска продукција „Дизни“ не ја прифатила идејата за одгранок-продолжение на „Војна на ѕвездите“, со Адам Драјвер како Бен Соло, овојпат во главна улога, открива глумецот. Имено, Драјвер вели дека бил расположен за тој филм, но одлуката била спротивна на неговите желби, објави „Јаху ентертејнмент“ (Yahoo Entertainment).
– Секaко дека бев заинтересиран да снимам уште една „Војна на ѕвездите“… Разговарав за снимањето уште во 2021 година. (Продуцентката) Кејтлин (Кенеди) ме контактираше. Секогаш си велев: Со одличен режисер и одлична приказна, ќе бидам таму за секунда. Го обожавав тој лик и обожавав да го играм, изјави Драјвер.
Глумецот го играше Бен Соло и неговото „друго јас“ – негативецот Кајло Рен, во третата трилогија од приказната од минатото десетлетие. Новиот филм, вели, требало да се вика „Лов на Бен Соло“.
– И, тоа беше навистина „кул“. Но, тоа веќе не постои, па конечно можам да зборувам за тој проект, рече Драјвер.
Следниот филм каде што ќе глуми, е семејната драма-комедија „Татко, мајка, сестра, брат“ (Father Mother Sister Brother), во режија на Џим Џармуш. Филмот ќе се прикажува во кино од 24 декември.