Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов. Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании, информираа за МИА од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми.
Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што ќе трае до крајот на март следната година. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел. На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.
Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол, дестинација за која очекуваме многу голема побарувачка. На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.
Како што објави Агенцијата за цивилно воздухопловство во зимската сезона од 26 октомври до 28 март следната година од Скопје ќе се лета до Виена, Белград, Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Фридрихсхафен, Меминген, Франкфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Братислава, Рим, Баден-Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Лондон, Стокхолм, Прага, Штутгард, Ларнака, Келн, Лион, Бари, Мадрид, Женева, Истанбул, Измир, Анталија, Цирих. Дестинациите од Охрид се: Цирих, Базел, Дортмунд, Виена, Меминген.





