Холивудската ѕвезда Деми Мур се присети на снимањето на класиката A Few Good Men и откри дека нејзиниот колега Том Круз бил „малку засрамен“ поради нејзината бременост.
Во разговор на 25 октомври на New Yorker Festival, 62-годишната актерка рече дека била во осмиот месец од бременоста со ќерката Скаут Вилис кога започнале пробните читања со режисерот Роб Рајнер и Круз.
„Мислам дека Том беше навистина збунет и малку засрамен,“ рече Мур со насмевка. „Јас немав проблем, но можеше да се почувствува дека му беше непријатно.“
Мур објасни дека во тоа време во Холивуд речиси и да немало актерки кои се одлучувале за мајчинство, бидејќи постоел силен притисок да се избере меѓу кариерата и семејството.
„Се прашував зошто не може и двете? Но со таа одлука дојде и голем притисок — како да морам да докажам дека е можно,“ додаде актерката.
Ѕвездата призна дека тогаш станала „претерано амбициозна“, решена да покаже дека може да биде и мајка и филмска ѕвезда во исто време.
„Гледајќи наназад, си велам: ‘Што ми беше во глава?’ Тогаш не беше прифатено да дојдеш на сет и да доиш помеѓу проби,“ рече таа. „Денес, младите мајки во индустријата имаат многу поголема поддршка.“
Мур додаде дека дури и пред породувањето почнала со тренинзи за да се врати во форма за улогата во филмот, во кој носи воена униформа.
„Направив двочасовно пешачење денот кога ми пукна водата. Пред тоа возев 24 километри велосипед и играв во реге клуб. Затоа таа се роди две и пол недели порано,“ откри со насмевка.
A Few Good Men (1992), по сценарио на Арон Соркин, ја прикажува приказната за двајца маринци обвинети за убиство, а Мур, Круз и Џек Николсон ги толкуваат главните улоги.
На истиот настан, Мур зборуваше и за нејзината нова, високо пофалена улога во филмот The Substance, истакнувајќи дека младите гледачи неочекувано најмногу се препознале во нејзиниот лик.
Извор: People Magazine / The New Yorker Festival
Редакција Фронтлајн





