Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во едно обраќање пред европратениците пред летните одмори рече дека секогаш ќе биде подготвена да соработува и да изнаоѓа заеднички решенија со проевропските и продемократските сили во Европскиот парламент, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Изјавата на Пињо беше одговор на новинарско прашање за тоа каков е ставот на Европската комисија и пред се на Фон дер Лајен, за тоа што вчера Европскиот парламент усвои мерки од пакетот за поедноставување со поддршка на „ново мнозинство“ на пратениците од Европската народна партија и од партиите на десницата и екстремната десница, а не од т.н. „проевропско мнозинство“ на центарот.
– Тоа е еден случај, а јас можам да ви посочам друг случај, исто така до вчера во Европскиот парламент, за усвојувањето на климатските цели за 2040 година од страна на сите продемократски и проевропски сили, што ние го поздравуваме, додаде Пињо.
На дополнително прашање дали ова значи дека ЕК сугерира оти во Европскиот парламент постојат две мнозинства, Пињо не даде конкретен одговор, туку само повтори дека Комисијата е „многу задоволна“ што „предизвикувачкиот предлог“ за климатските цели за 2040 година доби поддршка од центристичките, проевропските и продемократските сили во Европскиот парламент.
Европскиот парламент во четртокот со 382 гласа „за“, 249 „против“ и 13 „воздржани“, го поддржа предлогот за значајни намалувања на обврските на компаниите во однос на еколошките правила. За предлогот гласаа пратениците на ЕПП и на трите десничарски групи, но не и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либерлната Да ја обвовиме Европа (РЕ) и Зелените.
ЕПП, социјалдемократите и либералите, со поддшка на зелените, го сочинуваат т.н. „проевропско мнозинство“ на центарот.





