Во Националната опера и балет вечер ќе биде изведена балетската претстава во два чина „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од романот на Гистав Флобер. Балетот ќе има уште една изведба на сцената на НОБ – на 21 ноември.
– Балетот инспириран од истоимениот роман ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес. „Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство, соопшти НОБ.
Во главната улога (Ема Бовари) ќе настапи примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари – Франциско Хименез Руиз и во улогата на Рудолф Буланже ќе настапи Балаж Лочеи, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Диригент на двете изведби на балетот (вечер и на 21 ноември) ќе биде Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина кој, како што наведува НОБ, „со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик“.
Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина.
Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.





