Папата Лав XIV синоќа упати критики за она што го опиша како недостиг на политичка волја кај некои земји во справувањето со глобалната климатска криза.
„Она што не успева е политичката волја на некои“, рече тој во видео порака на почетокот на одлучувачката последна недела од Конференцијата на ОН за климата (КОП30) во Бразил.
Тој го пофали напредокот постигнат според Парискиот договор, потпишан пред 10 години, и нагласи дека не е проблемот со Договорот, туку „ние не успеваме во нашиот одговор“.
Неговата матична земја, Соединетите Американски Држави, се повлече од Парискиот договор под претседателот Доналд Трамп.
Папата предупреди на климатските влијанија кои веќе се чувствуваат низ целиот свет.
– Создавањето плаче во поплави, суши, бури и немилосрдна топлина, рече тој, додавајќи дека „едно од три лица живее во голема ранливост поради овие климатски промени“.
На КОП30, околу 200 земји разговараат за тоа како глобалното затоплување може побрзо да се ограничи.
Папата ги повика преговарачите да покажат поголема амбиција. Сè уште има време да се задржи глобалното зголемување на температурата под 1,5 степени Целзиусови, рече тој, „но прозорецот се затвора“.
– Како управители на божјото создание, ние сме повикани да дејствуваме брзо, со вера и пророштво, за да го заштитиме дарот што ни го довери, рече папата.





