Портретот „Elisabeth Lederer“ од австрискиот уметник Густав Климт беше продаден во Њујорк за 236,4 милиони долари, што го прави вториот најскап уметнички предмет продаден на аукција во историјата, соопшти Sotheby’s по завршувањето на 20-минутната наддавачка битка меѓу шест учесници, пренесува Би-Би-Си.
Делото е насликано меѓу 1914 и 1916 година. За време на Втората светска војна било украдено од нацистите и речиси уништено во пожар, но било спасено во 1948 година. Картината подоцна била вратена на братот на Елизабет, Ерих Ледерер – пријател на Егон Шиле. Тој ја поседувал до 1983 година.
Во 1985 година го купил Леонард А. Лодер, наследник на Estée Lauder, и ја поставил во својот дом на Пета авенија во Њујорк.
Далеку над очекувањата
Пред аукцијата, Sotheby’s проценуваше дека делото ќе достигне околу 150 милиони долари, но крајната цена ги надмина сите предвидувања.
На истата вечерна продажба беа понудени и други дела од Климт од приватната колекција на Лодер – меѓу нив Flowering Meadow и Forest Slope at Unterach am Attersee, кои достигнаа меѓу 60 и 80 милиони долари.
Што е најскапо продадено досега?
Рекордот и натаму го држи „Salvator Mundi“, атрибуиран на Леонардо да Винчи, продаден во 2017 година за 450,3 милиони долари.
И… златна WC-школка за 12,1 милиони
Само еден час по рекордниот Климт, беше продадена и целосно функционална тоалетна школка изработена од злато од концептуалниот уметник Маурицио Каталан – за 12,1 милиони долари. Имало само еден понудувач, а купувачот, според Sotheby’s, е „познат американски бренд“.
Редакција Фронтлајн







