Истанбул одамна важи за град што не го делат само повеќе од 15 милиони луѓе, туку и околу 250.000 улични мачки, вгнездени во секој агол – од стари улици и дворови, до модерни кафулиња и метро станици. Нивното постоење е толку длабоко вткаено во животот на градот што многумина го нарекуваат со симпатичниот надимак „Catstanbul“.

Историја од Отоманскиот период до денешните „чувари“ на улиците
Според фотографот и автор Марсел Хејнен, објавени на Би-Би-Си, мачките во Истанбул никогаш не биле типични миленици ниту класични скитници, туку „хибрид“ – животни за кои се грижат целите маала.
View this post on Instagram
Традицијата е стара, вкоренета уште во Отоманскиот период, кога постоела дури и официјална професија – mancacı, или „чувар на мачки“. Нивната работа била да го хранат огромниот број улични животни, а жителите можеле да купат храна од нив и да помогнат во грижата.

Некои историчари ја трасираат врската и подалеку, до времето на Феникијците и римските трговци, кои носеле мачки на бродови како заштита од глодари. Со пристигнувањето на нивните бродови во Истанбул во римскиот и подоцна во Отоманскиот период – пристигнувале и мачките.

Град што системски се грижи за уличните животни
Денес, секоја истанбулска општина има ветеринарен сектор што обезбедува бесплатно стерилизирање за уличните мачки, а приватните клиники нудат попусти. Жителите редовно собираат средства за сметки за ветеринари, оставаат храна пред дуќани и поставуваат импровизирани засолништа во дворовите.

Хејнен, како и локалните активисти, ја истакнуваат необичната ревност со која Истанбулците се грижат за животните што не им припаѓаат „на хартија“, но се третираат како дел од заедницата.

Мачките како симбол на мир во градот што никогаш не спие
Иако Истанбул е познат како бучен и раздвижен мегаполис, многу посетители сведочат дека токму мачките внесуваат еден вид мекост и тишина што ретко се среќава во големите урбани средини. Туристите често ги опишуваат како „тихи граѓани“ кои знаат да се свијат во скут или на клупа, да донесат момент на смиреност и да направат градот да изгледа попријатен.

„Catstanbul“ – културен феномен што продолжува да расте
Од дворови на џамии до пикник маси покрај Босфорот, мачките на Истанбул слободно шетаат, живеејќи во симбиоза со луѓето што секојдневно ги пречекуваат, хранат и почитуваат. Овој однос, стар векови, и натаму ја гради препознатливата слика на градот, но и неговиот репутациски шарм кај светските патници.

Извор: Би-Би-Си
Редакција Фронтлајн










































































































