Три децении по трагичната смрт на принцезата Дајана, нејзиниот брат, грофот Чарлс Спенсер, повторно ја отвори една од најконтроверзните теми поврзани со нејзиниот живот – злогласниот интервју-разговор со Би-Би-Си од 1995 година. Во ново интервју за People, Спенсер јасно го поврзува заведувањето на јавноста што го користел новинарот Мартин Башир со околностите што, според него, ја направиле Дајана ранлива во моментите пред фаталната несреќа во Париз.
„Оваа измама ја направи ранлива“
„Постојат високопозиционирани луѓе во Би-Би-Си кои учествуваа во обезбедувањето на ова интервју преку ужасна измама“, вели Спенсер во интервјуто објавено на 24 ноември. „Сигурен сум дека тоа директно доведе до тоа Дајана да биде ранлива во Париз онаа ноќ кога почина.“
Овие изјави доаѓаат четири години по внатрешната истрага во Би-Би-Си, која потврди дека Башир користел манипулативни и измамнички методи за да го обезбеди разговорот – вклучително и лажни банкарски изводи што Спенсер ги видел пред Дајана да се согласи на интервјуто.
Лажни документи, фабрикувани приказни, создадена недоверба
Според сведочењето на Патрик Џефсон, поранешен приватен секретар на Дајана, лажните документи сугерирале дека нејзини блиски луѓе биле платени да ја шпионираат.
„Беше во состојба на оправдана вознемиреност“, изјави Џефсон за People. „Не е параноја ако имате разумни основи да верувате дека некој ве следи.“
Башир, дополнително, тврдел дека тогашниот принц Чарлс имал афера со дадилката на принцовите Вилијам и Хари – и дури приложил фабрикувани документи кои „докажувале“ дека таа имала наводен спонтан абортус. Според сведочењата, оваа конструкција на лаги ја убедила Дајана да се согласи на интервјуто.
„Језиво е да се повторува сето тоа“
Џефсон вели дека последиците од измамата биле разорни:
„Језиво е повторно да се проживуваат тие настани и да се чувствува дека Дајана ме гледаше како внатрешен непријател.“
Тој додава дека измамата ја натерала Дајана да не верува во официјалната заштита, по што се нашла зависна од луѓе кои не биле квалификувани да се грижат за нејзината безбедност.
Би-Би-Си призна вина – Башир се извини
Би-Би-Си веќе има јавно прифатено вина. Во изјава за E! News на 25 ноември е наведено:
„Би-Би-Си во целост ги прифати заклучоците и јавно се извини за својата улога во тогашните настани.“
И самиот Мартин Башир во 2021 година изјави дека жали за своите постапки:
„Се извинувам повторно за тоа што барав да се креираат фалсификувани банкарски извoди. Тоа беше глупав чин, нешто за што длабоко жалам.“
Извор: People Magazine, E! News, Index
Адаптација: Редакција Фронтлајн







