Во издание на издавачката куќа V.B.Z. излезе автобиографијата Sonny Boy, во која легендарниот актер Ал Пачино за првпат со целосна искреност проговорува за своето детство во Јужен Бронкс, раните години на сиромаштија, првите чекори на сцената и патот кон статусот на една од најпрепознатливите икони на американскиот филм.
Според издавачот, станува збор за длабоко емотивна и исклучително страствена лична исповед, напишана со интензитет што го одразува целиот спектар на неговата уметничка енергија.
Интимно патување низ животот и уметноста
Во Sonny Boy, Пачино го опишува моментот кога првпат ја почувствувал „моќта на глумата“ – стоејќи на театарска сцена и имајќи чувство дека „лебди над земјата“. Тој сфатил дека припаѓа на целиот свет, а не само на едно место, и дека вистинската среќа во актерството доаѓа тогаш кога се ослободуваш од грижи за пари, статус или слава.
„Отворена ми беше вратата – не кон успехот, туку кон една нова енергија“, пишува тој. „Добив дар да погледнам во себе и да си признаам: ова сакам да го правам засекогаш.“
Книгата го следи неговиот пат полн со сомнежи, стравови, борби и првите мали, но пресудни победи што ја изградиле неговата актерска свест.
Од Бронкс до Actors Studio
Ал Пачино е роден во италијанско-американско семејство и израснал во квартот Јужен Бронкс. Посетувал Средно училиште за изведувачки уметности, а подоцна се школувал во Herbert Berghof Studio и легендарниот Actors Studio, каде учел под менторство на Charles F. Laughton и Lee Strasberg – имиња што ја обликуваа модерната методска глума.
Книгата детално го опишува влијанието што овие учители го имале врз неговото сфаќање на актерството како позив, а не како професија.
Патот кон големото платно
По впечатлива театарска кариера, Пачино ја стекна глобалната слава во улогата на Мајкл Корлеоне во култната трилогија „Кум“ на Френсис Форд Копола. Неговите филмски настапи во следните децении ја дефинираа американската кинематографија.
Во книгата се опишуваат задкулисните моменти од снимањето на: Serpico, Dog Day Afternoon, Scarface, Glengarry Glen Ross, Carlito’s Way, Heat, The Devil’s Advocate, Scent of a Woman, и многу други класици.
Пачино му дава на читателот чувство дека не се движи само низ историјата на филмот, туку и низ неговиот личен, ранлив и хумористичен внатрешен монолог.
Педесет години кариера и признанија
Ал Пачино е еден од најнаградуваните актери во историјата. Девет пати беше номиниран за Оскар, а во 1992 година ја освои статуетката за најдобра главна улога за филмот „Мирисот на жената“.
Тој е добитник и на четири Златни глобуси, две Тони награди, две Еми награди и престижната Оби награда.
Критиката ја прогласи Sonny Boy за една од најмоќните автобиографии на последните децении, оценувајќи ја како „длабоко човечка, бескомпромисно искрена и структурно маестрална“.
Сo Sonny Boy, Ал Пачино не само што ја отвора својата лична архива, туку ја претвора во уметнички документ за тоа што значи да се живее актерството. Книгата е поглед во душата на човек кој истовремено е и мит и ранлив уметник – приказна напишана со истата сила со која тој ги одиграл своите најнезаборавни улоги.
Извор: V.B.Z. / регионални медиуми
Адаптација: Редакција Фронтлајн







