Големо шише шампањ Dom Pérignon „magnum“ од 1961 година, кое било наменето да се послужи на свадбата на Лејди Дајана и Принцот Чарлс, ќе биде понудено на аукција во Данска на 11 декември, со проценета вредност меѓу 67.000 и 80.000 евра.
„Ова е навистина уникатно и исклучително ретко откритие. Постојат само 12 вакви магнуми, а ова шише е едно од нив“, изјави Томас Розендал Андерсен, шеф на винаријата во Brønn Rasmussen, пренесува Le Figaro.
Според него, шишето, кое моментално се чува во приватен подрум, има потенцијал да привлече не само љубители на вино, туку и колекционери на кралски реликвии. „Купувачот може да биде класичен колекционер на вина, но и некој што собира предмети поврзани со Лејди Дајана“, истакна Андерсен.
Пред секоја продажба, ваквите ретки шишиња минуваат низ неколку тестови, меѓу кои и осветлување на шишето за да се провери бистрината и бојата на пијалакот. Актуелниот сопственик, колекционер кој сакал да остане анонимен, го купил магнумот од лондонски трговец. Интересно е што ова исто шише било продадено и во 2008 година од американската куќа Heritage Auctions за околу 12.000 долари.
Аукцијата ќе се одржи во Kongens Lyngby, предградие на Копенхаген. Шампањот е берба од 1961 година – годината на раѓање на Лејди Дајана – и бил специјално етикетиран за нејзината венчавка со принцот Чарлс, одржана на 29 јули 1981 година.
Се очекува овој редок магнум Dom Pérignon да достигне цена од 500.000 до 600.000 дански круни. „Шампањот е целосно пивлив. Сите шишиња што ги продаваме на аукција се претходно внимателно испитани и анализирани“, додаде Андерсен.







