Американската поп-ѕвезда Сабрина Карпентер јавно побара од Белата куќа да престане да ја користи нејзината музика, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави видео на социјалните мрежи со нејзиниот хит „Juno“ од 2024 година.
Во видеото се прикажани агенти на Immigration and Customs Enforcement (ICE) како приведуваат лица, додека минувачи ги снимаат со мобилни телефони. Над снимката стоел натписот „Дали го пробавте ова? Збогум“, алузија на стих од песната, пренесува Ројтерс.
„Ова видео е злобно и одвратно. Никогаш немојте мене или мојата музика да ги користите за промоција на ваша нехумана агенда“, напиша 25-годишната Карпентер на социјалната мрежа Икс.
this video is evil and disgusting. Do not ever involve me or my music to benefit your inhumane agenda.
— Sabrina Carpenter (@SabrinaAnnLynn) December 2, 2025
На реакцијата одговори портпаролката на Белата куќа, Abigail Jackson, со порака дека администрацијата нема да се извинува за депортација на, како што наведе, опасни криминалци, убијци, силувачи и педофили. „Еве кратка и јасна порака за Сабрина Карпентер. Секој што ги брани таквите монструми мора да е глуп, или уште полошо“, изјави Џексон.
Со овој апел, добитничката на Греми наградите се приклучи на листата од повеќе од 200 музичари кои јавно се спротивставиле на користењето на нивната музика на политички настани поврзани со Трамп. Меѓу нив се и Neil Young и The Rolling Stones.






































































































