Актерката Марго Роби изјави дека целосно ги разбира реакциите на обожавателите на Емили Бронте кои се разочарани или лути поради изборот на актерите во новата филмска адаптација на „Оркански висови“. Филмот, кој во киносалите пристигнува во февруари 2026 година, предизвика бурни дискусии уште пред премиерата.
Во интервју за British Vogue, Роби објасни дека е свесна за разликите помеѓу неа и ликот на Кетрин Ерншо – во романот таа е тинејџерка, бринета и со сосема поинаков физички опис.
„Разбирам. Додека луѓето не го видат филмот, нема на што друго да судат“, изјави Роби, која ја игра Кетрин во филмот.
Критики и за изборот на Џејкоб Елорди
Роби ја брани и улогата на својот партнер во филмот, актерот Џејкоб Елорди, кој го толкува Хитклиф. Во романот од 1847 година Хитклиф е опишан како лик „со потемна кожа“, но Роби потсетува дека низ децениите многу актери кои го играле овој лик не одговарале на оригиналниот опис.
„И тој е Хитклиф. Верувајте ми, ќе бидете задоволни. Тој е неверојатен – вистински Даниел Деј-Луис на нашата генерација“, порача Роби.
Во актерската историја, овој лик го играле големи имиња како Лоренс Оливие, Ричард Бартон, Ралф Фајнс и Том Харди.
Режисерката Фенел: „Кетрин треба да има суперѕвезден интензитет – Марго го има тоа“
Филмот го режира Емералд Фенел, која веќе има Оскар, две БАФТА награди и три Златни глобуси. Таа цврсто го брани изборот на Марго Роби за главната улога.
„Кети е ѕвезда. Таа е самоволна, злобна, понекогаш и садистична од забава. Провокаторка. Ви треба некој кому ќе му простите сè, некој за кој сите би разбрале зошто го сакаат. Тешко е да се најде таа суперѕвезденa моќ – Марго ја има“, изјави Фенел за Vogue.
Филмот предизвика внимание и поради трејлерот кој открива интензивни сцени, препознатлива костимографија и визуелно смела интерпретација на класиката.









































































































