Во знак на препознавање на извонредните достигнувања на жените во спортот, Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја најави петтата јубилејна церемонија на доделување на наградите „Златна Олимпија“, која ќе се одржи во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.
Настанот е посветен на жените кои со својата посветеност и успеси ги поместуваат границите на спортската извонредност и претставуваат инспирација за идните генерации. Од МОК посочуваат дека церемонијата има за цел и јавно да се отвори простор за разговор за улогата и видливоста на жените во спортот, како и за нивното влијание врз општеството.
На свеченоста ќе бидат доделени признанија во повеќе категории, меѓу кои за најдобар женски национален тим, најуспешна спортска работничка, најнадежна млада спортистка, најуспешна тренерка и судијка, спортски подвиг на годината, признание за животно дело, најуспешна спортистка, најуспешна федерација во унапредување на родовата еднаквост, најуспешна спортска медиумска работничка, најуспешна спортистка со попреченост, како и признание за женско лидерство и унапредување на родовата еднаквост – сите за 2025 година.
Според најавите, на настанот ќе присуствуваат врвни имиња од македонскиот спорт, личности од јавниот живот, дипломатски претставници, поддржувачи на спортот и медиумски работници, во свечена и елегантна атмосфера.
Петтото издание на „Златна Олимпија“, како што истакнуваат од МОК, ја потврдува својата улога како водечка платформа за препознавање на извонредноста на жените во спортот, при што не се одбележуваат само спортските резултати, туку и поширокото значење на нивниот пример и придонес во општеството.







































































































