СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд поради, како што оценија, неуставната Резолуција што беше усвоена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието, со која директно се загрозуваат слободата на говорот и политичкото дејствување на опозицијата.
Ова денеска на прес-конференција одржана пред Уставниот суд го соопшти потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска.
„Од овде, од пред Уставниот суд испраќаме гласна порака: СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор“, изјави Тренчевска.
Таа нагласи дека партијата, заедно со граѓаните, ќе се спротивстави на, како што рече, обидите за воведување цензура и авторитарни практики.
„Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата“, порача Тренчевска.
Според неа, усвоената Резолуција има за цел да ја замолчи опозицијата и да спречи јавна дебата за договорот за мигранти.
„ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата“, изјави таа, додавајќи дека „целта на власта е да се забрани било каква дебата за договорот – мигранти за пари, и да се спречи вистината да излезе на виделина“.
Тренчевска обвини дека се создава атмосфера на притисок и закани.
„Секој што ќе зборува јавно за мигранти да се таргетира со закани за кривични пријави и затвор. Затоа и забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството“, рече таа.
Според СДСМ, ваквите потези претставуваат вовед во автократски систем.
„Кога се носат неуставни резолуции против опозицијата, тоа е автократија – вовед во диктатура, режим“, изјави Тренчевска.
Таа најави дека СДСМ ќе ја оспори Резолуцијата пред Уставниот суд.
„Најавувам, ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок“, истакна Тренчевска, посочувајќи дека Резолуцијата е спротивна на Уставот во делот на основните човекови слободи и права.
„Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот, особено во делот на слободата на изразување, која е неприкосновена, и тоа ја прави неуставна“, додаде таа.
Покрај уставната постапка, СДСМ најави и меѓународни активности.
„Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции, ќе побараме помош и од институциите на ЕУ и од сестринските партии во Европа“, рече Тренчевска.
На крајот од прес-конференцијата, таа порача дека борбата ќе продолжи.
„Со сите демократски алатки и механизми што ни стојат на располагање ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата. Борбата продолжува“, изјави Тренчевска.







