Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска реагираше на, како што велат, „координирана кампања за дефокусирање на јавноста“, откако во јавноста беше објавена фотографија од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на аеродром.
Од партијата оценуваат дека наместо одговори за тендери, корупција и договорот „мигранти за пари“, власта пласира сензационалистички приказни и врши притисок врз опозицијата.
„Покрај обидот за јавен линч, денеска практично признаа и дека вршат притисок преку следење. Ова е многу добро познатата школа на Никола Груевски, кога сите безбедносни служби беа ставени во функција на следење на опозицијата“, се наведува во соопштението.
СДСМ тврди дека актуелната власт користи методи идентични на оние од периодот пред 2016 година.
„Повторно се враќаме во мракот. Истите методи: следење, измислување вести, лажни афери – сè со една цел: дефокус“, велат од партијата.
Во реакцијата се потенцира дека Венко Филипче патува со редовна комерцијална авиолинија и дека не користи државни ресурси за приватни цели.
„Претседателот Филипче не е во можност, како Мицкоски и неговиот криминален клан, да го користи авионот на Владата за приватни потреби, ниту да нарачува приватни авиони“, наведуваат од СДСМ.
Партијата прави и директна споредба меѓу, како што велат, луксузирањето на Христијан Мицкоски и практиките од времето на Никола Груевски.
„Луксузирањето на Мицкоски е исто како она на Груевски. Граѓаните се сеќаваат на ексклузивните летувалишта, скапите аксесоари и хотелските катови платени со пари на граѓаните“, се наведува во соопштението.
СДСМ тврди дека Мицкоски користел приватен авион на релација Истанбул–Будимпешта, што, според нив, ги чинело граѓаните 2,6 милиони денари, како и дека во владиниот авион биле носени „сомнителни бизнисмени од арапските земји“.
„Она што граѓаните сè уште не го знаат е дека Мицкоски се спрема да нарача нов авион за свои лични потреби, кој ќе се плати со пари на граѓаните“, тврдат од СДСМ.
Во продолжение, партијата ја обвинува власта за фабрикување теми за Дубаи, Венеција и визи, со цел, како што велат, да се прикрие корупцијата.
„Потребно е да земете 161 тендер и 5,3 милиони евра за да можете да си го дозволите тоа“, се вели во реакцијата.
СДСМ оценува дека актуелните напади се обид да се избегне одговор за, како што велат, милионски тендер доделен на партнери од ЗНАМ.
„Важно денеска не дадоа одговор за милионскиот тендер што го доделија на своите партнери од ЗНАМ. Веројатно првата рата за предавството на Македонија“, стои во соопштението.
Од партијата порачуваат дека ќе продолжат со, како што велат, разобличување на криминалот и корупцијата.
„Тие нека пишуваат глупости, а нашиот АКТ работи. Кога не сакаат да им дадат одговори на граѓаните, наскоро ќе ги дадат пред обвинителството“, се наведува на крајот од соопштението.







