На 3 јануари 2026 година, венецуелскиот претседател Николас Мадуро беше приведен во една од најнеобичните и најконтроверзни операции на почетокот од 21 век. Во рамки на американска воена интервенција под директна наредба на американскиот претседател Донал Трамп, тој беше изнесен од претседателската палата во Каракас и префрлен во САД, каде што е задржан во притвор во сојузен суд во Бруклин, Њујорк, под обвиненија за наркотрафикинг и таканаречен „нарко-тероризам“.
Станува збор за воена операција предводена од американски специјални сили, меѓу кои и припадници на Delta Force, која, според официјалните информации, била подготвувана подолг период и вклучувала детално планирање и подготвителни вежби. Претседателот на САД, Доналд Трамп, јавно потврди дека Мадуро бил „фатен“ во текот на ноќната акција и дека САД ќе го „водат“ процесот на политичка трансформација на Венецуела.
За време на апсењето беа пријавени бројни цивилни и безбедносни жртви. Според официјални извештаи, 24 венецуелски безбедносни службеници и 32 кубански државјани загинале, додека неколку американски војници биле повредени. Операцијата предизвика остри реакции голема воздржаност но и критики од страна на Обединетите нации и повеќе европски земји, кои ја оценија како потенцијално кршење на меѓународното право.
Кој сега владее во Венецуела?
Набргу по апсењето на Мадуро, Врховниот суд на Венецуела донесе одлука со која ѝ се доверува вршењето на претседателската функција на вицепретседателката Делси Родригес, во својство на времен претседател. Таа официјално ја презеде функцијата на 5 јануари 2026 година, со поддршка од вооружените сили и дел од државните институции.
Родригес е долгогодишна соработничка и политичка сојузничка на Мадуро, која претходно извршуваше функции како вицепретседателка, но и како министерка за нафта и финансии.
По преземањето на должноста, Родригес повика на „мир“ и „заедништво“, но истовремено изјави дека Николас Мадуро останува „единствениот легитимен претседател“ на Венецуела, со што дополнително ја продлабочи политичката неизвесност во земјата.
Каква е улогата на САД по падот на Мадуро?
Администрацијата на Трамп не само што ја потврди и поддржа операцијата со која беше отстранет Мадуро од власт, туку и јавно соопшти дека САД ќе имаат водечка улога во транзицискиот период во Венецуела, со посебен акцент на пристапот до нафтените ресурси и обновата на клучната инфраструктура.
Извор: NEWSru.co.il
Оваа позиција отвори сериозни дебати за суверенитетот на Венецуела и за создавање нов меѓународно-правен преседан на директна воена и политичка интервенција во внатрешното уредување на една држава.
Политички преговори и спротивставени блокови
Главната опозициска фигура во земјата, Марија Корина Мачадо, која освои значителна поддршка на изборите во 2024 година и е добитничка на Нобеловата награда за мир, најави дека ќе се врати во Венецуела и ќе инсистира на одржување слободни и демократски избори. Таа, меѓутоа, јавно одби да ја признае владата на Родригес, оценувајќи ја како „поддржана од САД“ и нелегитимна.
Извор: The Guardian
Во меѓувреме, тврдото јадро на поддржувачи на режимот на Мадуро – вклучувајќи политички и воени функционери како Диосдадо Кабељо, како и други влијателни фигури – се обидува да задржи контрола врз делови од државниот апарат. Ова создава длабоко поделена и нестабилна политичка реалност во Каракас, со неизвесен исход за иднината на земјата.
Која држава ќе ја плати највисоката цена
Апсењето и отстранувањето од власт на венецуелскиот претседател Николас Мадуро претставува еден од најдраматичните геополитички пресврти во Латинска Америка во последните децении. Иако во фокусот на јавноста се САД, транзициската власт во Каракас и судбината на самата Венецуела, вистинскиот и најтешко погоден актер од овој настан не се наоѓа во самата земја. Тоа е Куба.
За разлика од другите држави кои губат сојузник или влијание, Куба губи систем што ја одржуваше економски, енергетски и политички. Падот на Мадуро за Хавана не е дипломатска промена, туку егзистенцијален удар.
Егзистенционален и енергетски колапс што веќе започна
Се проценува дека Венецуела дневно испорачува околу 35.000 барели нафта во Куба – далеку повеќе од кој било од нејзините енергетски партнери, вклучувајќи ги Русија и Мексико. Тактиките на администрацијата на Трамп, вклучително и запленувањето на санкционираните венецуелски танкери, веќе почнаа да ја влошуваат кризата со горивото и електричната енергија во Куба, со потенцијал брзо да стане исклучително сериозна.
Во најдобар случај, иднината на исцрпениот карипски остров без Мадуро на чело на Каракас изгледа сè посложена. Куба веќе се бори со својата најлоша економска криза од Студената војна.
Со месеци, островот е погоден од постојани прекини на електричната енергија. Последиците за секојдневниот живот на обичните Кубанци се мачни: недели без сигурна електрична енергија, храна што скапува во фрижидерите, вентилатори и клима уреди што не работат, роеви комарци на жештината и смрдеата од несобраното ѓубре.
Во последните недели, островот беше погоден и од бран болести што се пренесуваат преку комарци, при што денга и чикунгуња се пријавени во голем број. Кубанскиот здравствен систем – некогаш бисер на револуцијата – се бори да се справи со притисокот.
Сликата не е убава. Но, тоа е секојдневниот живот на повеќето Кубанци.
Политички удар врз последниот сојузник
По распадот на Советскиот Сојуз, Куба никогаш не успеа да најде покровител со капацитетите што ги имаше Москва. Таа улога постепено ја презеде Венецуела, која стана не само економски, туку и идеолошки столб на кубанскиот режим. Падот на Мадуро значи и пад на последниот силен левичарски сојузник во регионот.
Со тоа, Хавана останува речиси целосно изолирана. Русија и Кина немаат интерес да ја преземат улогата на безусловен поддржувач, а Иран е премногу далеку и ограничен. Ова ја става Куба под засилен меѓународен притисок и ја отвора можноста за внатрешни немири, слични на „специјалниот период“ од 1990-тите.
Безбедносната димензија: изгубена мрежа
Кубанските безбедносни служби имаа длабоко вкоренето присуство во венецуелските институции, особено во армијата и разузнавачките структури. Тоа беше клучен механизам за одржување на режимот на Мадуро. Со неговото апсење и со новата политичка конфигурација во Каракас, оваа мрежа се распаѓа.
Кубанската влада остро го осуди нападот како нелегален и прогласи дводневна национална жалост за 32-та кубански граѓани убиени во американската воена операција.
Нивната смрт откри факт што се криеше со години: кубанското влијание во венецуелското претседателство и војската е длабоко. Личното обезбедување на Мадуро е составено речиси целосно од кубански телохранители, а кубанските државјани имаат голем број клучни позиции во разузнавачките служби и вооружените сили на Венецуела.
Куба долго време го негираше присуството на свои војници или безбедносни агенти во Венецуела, но ослободените политички затвореници честопати тврдеа дека биле испрашувани за време на нивниот притвор од мажи со препознатлив кубански акцент.
Новите власти ќе имаат интерес да ги демонтираат овие структури и да ги разоткријат каналите на соработка. За Куба, тоа значи губење на регионално влијание и ризик од компромитирање на долгогодишни операции.
Падот на Мадуро е историски момент за Венецуела, но најголемиот губитник е Куба. За Хавана, ова не е само загуба на сојузник, туку распад на економски, енергетски и безбедносен систем што ја одржуваше државата повеќе од две децении.
Додека светот гледа кон Каракас и Вашингтон, вистинската криза тивко се продлабочува во Хавана. Таму падот на Мадуро се чувствува не како далечна геополитика, туку како секојдневна реалност – без струја, без гориво и без сигурен сојузник.
Русија и Кина по падот на Мадуро: од геополитика до сурова математика
Иако Русија и особено Кина не се егзистенцијално погодени како Куба, падот на режимот на Николас Мадуро претставува сериозен удар врз нивните долгорочни стратегии во Венецуела.
Русија: геополитички пораз без економска катастрофа
Русија со години ја користеше Венецуела како стратешка точка за проекција на моќта во Западната хемисфера. Преку воена соработка, испорака на оружје, присуство на советници и симболични поморски посети, Москва испраќаше порака дека може да дејствува и „во американскиот двор“.
Со падот на Мадуро, овој модел практично се распаѓа. Новата власт во Каракас нема интерес да продолжи со безбедносна соработка со Москва, особено под силен притисок од САД. Русија губи:
губи воено-политичко присуство во Латинска Америка, губи сојузник што гласаше во нејзина корист на меѓународни форуми, губи симболична рамнотежа во глобалната конфронтација со Западот.
Сепак, економскиот удар за Москва е ограничен. Руските инвестиции и кредити во Венецуела се значајни, но не критични за руската економија, особено во контекст на нејзината воена и енергетска ориентација кон Евроазија. За Кремљ, падот на Мадуро е геополитички пораз, но не и системска закана.
Кина: најголемиот инвеститор и најголемиот прагматичен губитник
Сосема поинаква е позицијата на Кина. Пекинг е најголемиот финансиски и економски актер во Венецуела во последните 20 години. Кинеските државни банки и компании вложија десетици милијарди долари преку кредити, инфраструктурни проекти и нафтени договори, најчесто во моделот „нафта за заем“.
За Кина, Венецуела не беше идеолошки сојузник, туку долгорочна енергетска и финансиска инвестиција. Падот на Мадуро го доведува во прашање токму тој модел. Новата власт во Каракас:
ќе инсистира на ревизија на договорите, ќе бара транспарентност и нови услови, ќе биде под притисок од САД и меѓународните финансиски институции да ги ограничи ексклузивните аранжмани со Пекинг.
Ова за Кина значи реален ризик од:
одложена или намалена наплата на кредитите, загуба на преференцијален пристап до венецуелската нафта, редефинирање или поништување на инфраструктурни проекти.
Затоа кинеската стратегија во моментов е прагматична, тивка и флексибилна. За разлика од Русија, Пекинг не ја бранеше јавно власта на Мадуро до крај. Наместо тоа, кинеската дипломатија брзо воспоставува канали со новите власти, со јасна цел – да ги заштити инвестициите, не режимот.
Кина губи пари, но не и стратегија
Иако Кина е веројатно втората најпогодена земја по Куба, разликата е суштинска. За Пекинг, Венецуела е дел од глобално портфолио. Загубите се сериозни, но управливи. Кинескиот модел не зависи од една држава, ниту од една идеологија.
За разлика од Куба, Кина има капацитет да преговара, да се прилагоди и да продолжи – дури и во услови на промена на режимот.
Регионалните соседи како Колумбија и Бразил се соочуваат со краткорочни безбедносни и миграциски предизвици, но долгорочно можат да добијат од стабилизацијата на Венецуела.
„Донрое доктрината“ – враќање на империјалната логика
Реториката што ја следеше американската операција во Венецуела, како и самото апсење на Николас Мадуро, предизвикаа силни реакции и во самиот Вашингтон. Критичарите на администрацијата на Трамп ја обвинуваат Белата куќа за најгруб облик на американски империјализам и интервенционизам во Латинска Америка, невиден уште од времето на Студената војна.
Според нив, отстранувањето на Мадуро од власт претставува де факто киднапирање, а целиот судски процес против него во Њујорк би можел да биде прогласен за ништовен токму поради начинот на кој е извршено неговото приведување.
Претседателот Доналд Трамп, очекувано, не покажа никаква подготвеност да се осврне на ваквите аргументи. Напротив, тој дури предупреди дека, доколку процени дека е потребно, САД би можеле да применат сличен пристап и кон други лидери во регионот – вклучително и кон претседателот на Колумбија.
Новонастанатите и загрижувачки околности во Латинска Америка, Трамп ги опиша како „Донрое доктрина“ – јасна алузија на Монроевата доктрина, надворешнополитички принцип од 19 век со кој европските сили беа предупредени да не се мешаат во американската сфера на влијание на западната хемисфера.
Со други зборови, Латинска Америка повторно се третира како американско „двор“, а Вашингтон си присвојува право не само да влијае, туку и директно да одлучува што ќе се случува во регионот. Токму терминот „двор“ јавно го користеше и Марко Рубио, бранејќи ги потезите на администрацијата против Венецуела.
Рубио, кој останува клучна фигура во американската политика кон Латинска Америка, особено кон Куба, има и поширока агенда. Американското економско ембарго врз Куба трае повеќе од шест децении и не успеа да го сруши режимот на браќата Кастро, ниту нивниот политички проект. Но Рубио – кубанско-американски политичар, поранешен сенатор од Флорида и син на кубански бегалци – не ја крие амбицијата да биде човекот, или човекот зад сцената, што ќе стави крај на повеќедецениското комунистичко владеење во земјата од која потекнува неговото семејство.
Во тој контекст, отстранувањето на Мадуро и наметнувањето строги услови на нова, попослушна власт во Каракас, Рубио го гледа како клучен чекор кон остварување на таа цел во Хавана.
Куба, иако и претходно минуваше низ исклучително тешки периоди, и овојпат одговара со отворен пркос. Властите во Хавана најавија дека 32-та кубански државјани загинати за време на американската операција во Венецуела ќе бидат официјално чествувани како „храбри борци“ кои, според зборовите на претседателот Мигел Дијас-Канел, се „спротивставиле на терористи во империјални униформи“.
Одговорот од Вашингтон не доцнеше. „Куба е подготвена да падне“, изјави Трамп од авионот Air Force One – реченица што за многумина во регионот звучи како закана, а за други како најавa за нова фаза на директна конфронтација.
Редакција Фронтлајн







