Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави нови докази за, како што тврдат, проширена тендерска мрежа поврзана со функционери на ВМРО-ДПМНЕ, во која, според нив, се вклучени и семејни и партнерски фирми.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Петар Огњеновиќ, информираше дека компанијата „Пирамид билдинг солушнс“, која, како што рече, е често присутна во тендерските шеми на ВМРО-ДПМНЕ, побарала извинување од Антикорупцискиот тим на СДСМ поради наводно „нарушување на угледот“.
„Омилената фирма во тендерските шеми на ВМРО – ‘Пирамид билдинг солушнс’ достави барање до Антикорупцискиот тим на СДСМ да се извини поради наводно нарушување на угледот. Тоа што АКТ го објави се факти, аргументи и докази“, изјави Огњеновиќ.
Тој нагласи дека станува збор за јавно достапни податоци.
„51 тендер во општините, во вредност од 16 милиони евра. Сите информации се јавно достапни. Што има тука невистинито?“, праша Огњеновиќ.
Според него, фирмата има право правдата да ја бара по институционален пат.
„Фирма со 51 тендер и 16 милиони евра може слободно да се обрати до Јавното обвинителство и од таму да побара извинување“, додаде тој.
Огњеновиќ денеска објави и нови информации за, како што рече, дополнително проширување на тендерската мрежа.
„Денеска објавуваме нови докази. Се поставува прашањето – дали тендерската мрежа на Доновски е проширена и со други семејни и партнерски фирми?“, изјави тој.
Како што наведе, сопругата на Доновски, Оливера Доновска, е сопственичка на три фирми – „Дајмнод инвести“ ДОО Гостивар, „Тргострој“ ДОО Скопје и „Аксес инженеринг груп“ ДОО увоз-извоз Скопје.
„‘Аксес инженеринг груп’ ДОО увоз-извоз Скопје е основана во март 2019 година со Филип Гулевски, со адреса на Булевар АСНОМ во Скопје“, рече Огњеновиќ.
Тој додаде дека истиот Филип Гулевски од ноември 2021 година е сопственик и на фирмата „Аксес констракшн груп“ ДОО увоз-извоз Скопје, регистрирана на истата адреса.
Според СДСМ, токму оваа фирма на 4 декември 2025 година добила тендер од Министерството за спорт.
„На 4 декември 2025 година, ‘Аксес констракшн груп’ добива тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром, во вредност од 1,1 милион евра од Министерството за спорт“, изјави Огњеновиќ.
Тој праша дали станува збор за случајност или за уште еден пример на, како што рече, тендерски шеми.
„Дали ова е случајност? Дали ова е клевета и нарушување на углед? Или ова е уште еден доказ за тендерските шеми на едни исти поединци од ВМРО-ДПМНЕ?“, праша Огњеновиќ.
Огњеновиќ оцени дека ваквите практики ја носат државата кон изолација.
„Затоа денеска сме во иста група со Сомалија. АКТ знае сè и ќе продолжи да ги разоткрива тендерските шеми, криминалот и корупцијата на власта. Работата не е завршена“, заклучи тој.







