Иако холивудските актери често користат дипломатски зборови кога зборуваат за своите колеги, Бен Афлек откри дека за Тејана Тејлор во индустријата постојат исклучиво пофалби. Според неговите зборови, восхитот кон добитничката на Златен глобус не го крие ниту Леонардо Ди Каприо, пренесува „Ентертејнмент Викли“.
Афлек изјави дека во разговори со луѓе од филмската индустрија, вклучувајќи и режисери со кои соработувал, Тејлор секогаш се спомнува во позитивен контекст. „Разговарав со Пол Томас Андерсон и сите се воодушевени од неа. Исто така, налетав и на Ди Каприо, кој зборуваше за неа само во суперлативи. Тоа се оние неформални разговори, далеку од камери, каде што луѓето понекогаш признаваат дека некоја соработка не била идеална. Кај неа тоа не постои – таа остава силен впечаток на секого“, рече Афлек.
Слично мислење има и Мет Дејмон, кој со Тејлор глуми во криминалистичкиот трилер „Рип“, достапен на Нетфликс. „Исклучително е професионална и неверојатно талентирана, но пред сè е добра личност“, изјави Дејмон. Тој додаде дека нејзиниот успех не е случаен, туку резултат на јасна визија и силна потреба за уметничко изразување.
Иако пошироката публика ја запозна преку филмските улоги, кариерата на Тејана Тејлор во забавната индустрија трае речиси дваесет години. Првиот музички договор го потпишала на само 15 години, а соработувала со имиња како Бијонсе, Џеј-Зи и Кање Вест. Таа ја кореографираше и познатата песна „Ринг д а ларм“ за Бијонсе. Првите актерски чекори ги направи во филмовите „Стамп д јард: Хоумкаминг“ и „Мадеас биг хепи фемили“, а силен впечаток кај критиката остави со улогата во драмата „А таузанд енд уан“ од 2023 година, за која доби признание за пробивна улога.
Афлек откри и дека Тејлор веќе гледа кон следната фаза од кариерата. „Следната година ќе го режира својот прв долгометражен филм. Начинот на кој му пристапува на проектот, како се подготвува и ги избира соработниците, е навистина импресивен“, изјави тој.
Во филмот „Рип“, Тејлор ја толкува детективката од Мајами, Нума Баптист, која заедно со ликовите на Афлек и Дејмон наидува на голема сума пари поврзана со наркокартели. По освојувањето на Златниот глобус, сè почесто се спомнува и како сериозна кандидатка за номинација за Оскар во категоријата споредна женска улога.
Филмот „Рип“, во кој глумат и Стивен Јун и Кајл Чендлер, е достапен на Нетфликс.







