Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира дека настапот на премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос ја потврдил неговата дипломатска изолација и политичка зависност од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Дипломатската изолација на Мицкоски јасно се покажа во Давос. Премиерот немаше ниту една средба со светски или европски лидер. Наместо сериозни разговори, се снимаше по ходници и тераше туризам на сметка на граѓаните“, соопштува СДСМ.
Од партијата наведуваат дека единствената средба што ја одбележала посетата на Давос била со сопственикот на унгарската компанија 4iG, за која велат дека е поврзана со режимот на Виктор Орбан.
„Ова покажува колку Мицкоски му слугува на Орбан во ширењето на неговото политичко и бизнис влијание“, се вели во соопштението.
Според СДСМ, последната одлука на Владата за влез на компанијата 4iG во телекомуникацискиот сектор не претставува инвестициски успех, туку политички проект.
„Ова не е инвестиција, туку обид за преземање контрола врз стратешки сектори како телекомуникациите и медиумите, со што се создава мрежа на авторитарни влијанија што го изолираат регионот од Европската унија“, оценуваат од СДСМ.
Партијата обвинува дека сопствениците на провладините портали, кои ги нарекува дел од медиумскиот октопод Алфа-Алта, во најголем дел се од Унгарија и директно поврзани со Орбан.
СДСМ потсетува дека веќе два месеци предупредува за, како што наведуваат, планот на ВМРО-ДПМНЕ за преземање контрола врз стратешките сектори, особено медиумите, и дека овој план станува сè поочигледен.
„Повикуваме на заштита на националните интереси од странски влијанија што ја загрозуваат независноста и европската иднина на Северна Македонија. Не смее да се дозволи нашата земја да стане дел од круг на корупција и авторитарност“, порачуваат од СДСМ.







