Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин и јавно го покани да дојде во Кијив, додавајќи дека тоа ќе се случи „ако се осмели“.
Зеленски во петокот им изјави на новинарите дека е подготвен за средба во кој било формат, но отфрли можност разговорите да се одржат во Москва или во Белорусија, откако Кремљ упати покана за средба на руска територија.
„За мене е невозможно да се сретнам со Путин во Москва. Тоа е исто како да се сретнеме во Кијив. Затоа јавно го поканувам да дојде тука, ако се осмели“, изјави Зеленски, пренесуваат украинските медиуми.
Тој нагласи дека Русија е агресор во војната против Украина, а Белорусија ја оцени како партнер во тие дејствија.
Од Кремљ во четвртокот соопштија дека Русија повторно го поканила украинскиот претседател на мировни разговори во Москва, но дека не добила одговор од Киев.
Во меѓувреме, Украина и Русија минатата недела одржаа разговори со посредство на САД во Абу Даби, а нова средба е закажана за неделава. Зеленски истакна дека е важно на разговорите да бидат присутни сите страни со кои е постигнат договор за учество.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека Путин се согласил на неговото барање Русија да не ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура во период од една недела, поради екстремно ниските температури.
Кремљ во петокот ја потврди оваа информација, при што портпаролот Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател „секако“ се согласил со предлогот.
Зеленски на социјалните мрежи напиша дека прашањето за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура било тема на разговорите и дека очекува договореното да се почитува.
„Чекорите за деескалација придонесуваат за вистински напредок кон завршување на војната“, порача украинскиот претседател.







