Ако му се верува на претседателот Доналд Трамп, часовникот за можни воени дејства против Иран веќе отчукува.
Трамп практично им упати ултиматум на иранските власти: да ја прекинат нуклеарната програма, да запрат со производство на ракети што можат да го погодат Израел и да ја прекинат поддршката за вооружените сојузници во регионот – со други зборови, да се откажат од клучните алатки на своето влијание. Малку веројатно сценарио, пишува Њујорк Тајмс.
Минатата недела, Трамп отворено навести што би следело доколку Техеран не попушти. „Масивна армада се движи кон Иран“, напиша тој на Truth Social. „Како и со Венецуела – подготвена, способна и решена брзо да ја исполни мисијата, со брзина и насилство, доколку е потребно.“
Опасна споредба
Претседателот свесно прави паралела со Венецуела – земја против која САД распоредија воени сили во близина на брегот како дел од притисокот врз режимот. Кога венецуелскиот лидер одби да се повлече, следеше брза и спектакуларна операција со негово апсење.
Но, како што предупредуваат аналитичарите, Иран не е Венецуела.
За разлика од Каракас, Техеран располага со значителна способност да предизвика сериозна штета – не само за Израел, туку и за целиот Блиски Исток. Токму затоа, и покрај жестоката реторика, Трамп и неговите најблиски соработници сè уште калкулираат дали заканите навистина да ги претворат во воена акција.
„Претседателот ја користи Венецуела како средство за заплашување на Иран, но без јасна цел“, вели аналитичарот за национална безбедност Дејвид Сангер, за Њујорк Тајмс.: „Шемата е позната, но метата е сосема поинаква.“
Иран – ослабен, но опасен
Како и Венецуела, Иран е управуван од авторитарен режим, со години под тешки санкции и во конфронтација со САД, потпирајќи се на Кина и Русија за економски маневрирања. Внатрешно, режимот делува ранлив – масовните протести во јануари го потврдија тоа.
Многу Иранци, според сведоштва од терен, се надеваат дека надворешниот притисок ќе доведе до пад на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Но, за разлика од Венецуела, Иран има сериозен воен и регионален капацитет за одмазда.
Иако моментално изгледа ослабен – со падот на режимот на Асад во Сирија, ослабени Хамас и Хезболах и оштетена ракетна инфраструктура по израелско-американските напади – иранското раководство токму ова го гледа како егзистенцијална закана.
Ризик од регионална ескалација
Шиитските милиции во Ирак, поддржани од Иран, веќе најавија дека ќе застанат на страната на Техеран. Нивно вклучување би значело директни судири со американските сили и сериозна дестабилизација на Ирак.
И Хутите во Јемен би можеле да се приклучат – како и претходно, преку напади врз бродови во Ормускиот Теснец, една од најважните светски трговски рути.
Најнепосредната закана, сепак, доаѓа од иранските балистички ракети со домет до 2.000 километри – доволно за да го покријат целиот регион. Техеран веќе предупреди дека во случај на напад, цел ќе бидат Израел и американските бази.
Израелските безбедносни служби се особено загрижени. По две години војна, резервите на противракетни пресретнувачи се значително намалени. А евентуален ирански напад би можел да биде насочен директно кон големите израелски градови.
„Станува збор за стотици килограми експлозив по ракета“, предупредуваат израелски извори. „Еден погодок може да уништи цела улица“, пишува Њујорк Тајмс.
Без јасна стратегија
Клучното прашање останува: што всушност сака да постигне Трамп?
Промена на режимот? Уништување на нуклеарната програма? Онеспособување на ракетниот арсенал? Американските аналитичари предупредуваат дека воената опција не гарантира ниту една од овие цели.
„Кога ќе ја притиснете администрацијата за одговор, добивате лавина од различни објаснувања – но без приоритети“, вели Сангер.
Иако Трамп ги користи заканите како алатка за притисок за нов договор, во Вашингтон владее скепса дека Иран ќе ги прифати условите. Дури и државниот секретар Марко Рубио призна дека рушењето на иранскиот режим би било „далеку покомплексно“ од венецуелскиот случај.
Извор: Цивил Медиа







