Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагира по изјавата на министерката за енергетика Сања Божиновска дека „Буџетот не е во најдобра состојба“, оценувајќи дека Владата на Христијан Мицкоски јавно го признала недостигот на средства во државната каса.
„Како што знаете, буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме“, изјави Божиновска, што според СДСМ претставува директна потврда дека во буџетот нема доволно пари.
Од партијата посочуваат дека ова е она на што СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче подолго време предупредуваат, нагласувајќи дека во буџетот недостигаат околу 2 милијарди евра.
Во соопштението се наведува дека Владата тврди дека нема пари за зголемување на платите и пензиите, но истовремено, како што велат од СДСМ, континуирано се реализираат „криминални тендери“. Како примери се посочуваат, 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за, како што велат, „омилена фирма“, 9 милиони евра за двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.
„Само за поголеми плати и пензии нема пари“, наведуваат од СДСМ, обвинувајќи ја Владата дека погрешното управување со јавните финансии ќе доведе до економска криза.
Според опозициската партија, следната фаза ќе биде задолжување преку скапи кредити, а како дел од тој процес го најавуваат и проектот „мигранти за пари“.
„Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а во исто време признава дека во буџетот недостигаат 2 милијарди евра. Се случува токму она што го најавивме“, се вели во соопштението на СДСМ.
Министерката за енергетика Сања Божиновска, вчера одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, во врска со изградбата на Чебрен истакна: „Мислам дека во следниот месец-два ќе имаме повеќе информации, меѓутоа се работи. Како што знаете Буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме. Сепак се работи за над една милијарда евра инвестиција“.







































































































