Актерката Ребека Фергусон, најпозната по улогите во франшизата Невозможна мисија и филмовите Дина, ретко зборува за својот приватен живот. Сепак, во неодамнешно интервју таа направи исклучок и отворено проговори за мајчинството и предизвиците со кои се соочувала.
Фергусон откри дека своето прво дете го родила на само 23 години, со партнер кој бил 22 години постар од неа. Денес таа има 42 години и е мајка на синот Ајзак (19) и седумгодишната ќерка Сејџ, пренесува магазинот People.
„Морав многу брзо да пораснам“
Навраќајќи се на периодот кога го родила синот Ајзак, кого го има со поранешниот партнер Лудвиг Халберг, Фергусон признава дека во мајчинството влегла многу млада. Сепак, вели дека раната кариера ја принудила брзо да созрее.
„Бев многу млада, но почнав да работам уште на 15 години. Многу брзо се најдов во светот на возрасните – работа, зрелост и одговорност“, изјави таа во интервју за Harper’s Bazaar.
Фергусон е и мајка на седумгодишната Сејџ, која ја има со сопругот Рори Сент Клер Гејнер. Интересно е што дел од најтешките акциски сцени во нејзината кариера ги снимала токму додека била бремена.
Говорејќи за снимањата на филмовите од серијалот „Невозможна мисија“, таа раскажа:
„Снимав борбени сцени, па трчав да повратам во голема кеса, земав ментол бонбона и се враќав на сет.“
Децата секогаш на прво место
Иако работата често ја носи низ различни делови од светот – од Мароко и Абу Даби до Арктикот – Фергусон поставила јасно правило: никогаш да не биде одвоена од своите деца подолго од три недели.
„Тоа отсекогаш ми било најважно“, нагласува актерката.
Необичен предмет за „покажи и раскажи“
Иако ретко споделува анегдоти за децата, во ноември 2024 година Фергусон гостуваше во емисијата The Late Night with Seth Meyers, каде раскажа необична и симпатична приказна.
Таа откри дека од снимањето на филмот Херкул, во кој глумела со Двејн Џонсон, дома понела реквизит – череп.
„Во филмот има череп, па го украдов. Сè уште го имам дома и ѝ го дадов на ќерка ми да го однесе на училиште за ‘покажи и раскажи’“, раскажа таа низ смеа.
Од училиштето брзо ја замолиле да донесе нешто друго. „Ни го вратија со порака: ‘Може ли, ве молиме, да испратите нешто друго?’“, раскажа Фергусон.
Водителот Сет Мајерс бил збунет: „Му дадовте на шестгодишно дете череп?“
„Да, ама има подвижна вилица – се отвора. Неверојатен е“, одговорила актерката.






































































































