Опозициската СДСМ обвини дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски ги намалила субвенциите за земјоделците за 40 милиони евра, оценувајќи дека тоа претставува сериозен удар врз земјоделскиот сектор.
„Владата на Мицкоски ги намали субвенциите за земјоделците за од 140 милиони на 100 милиони евра. Тоа се 40 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на луѓето кои произведуваат храна“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата оценуваат дека земјоделците се „новите жртви“ на владините политики.
„Земјоделците, веднаш по работниците, се новите жртви на криминалните политики на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“, соопшти СДСМ.
Според нив, наместо најавеното зголемување на субвенциите, дошло до нивно намалување.
„Пред изборите ВМРО – ОКГ им ветуваше 180 милиони евра субвенции. Наместо зголемување – добија кратење. Наместо поддршка – земјоделците се излажани и понижени“, се наведува во реакцијата.
СДСМ тврди дека покрај намалувањето на субвенциите, се воведени и построги услови за нивно добивање.
„Дополнително, условите се усложнети, праговите за добивање субвенции се зголемени, а добрите мерки воведени од СДСМ се укинати. Укината е и авансната исплата на субвенциите – мерка што значеше сигурност за земјоделците“, соопшти партијата.
Во соопштението, СДСМ ја критикува Владата и за приоритетите во трошењето на буџетските средства.
„Владата нема пари за субвенции за земјоделците, нема пари за минимална плата од 600 евра, ама има пари за луксузот на владата, за нов авион за туристички патувања на Мицкоски“, се наведува во реакцијата.
Од партијата додаваат и дека, според нив, се загрозени и европските фондови за земјоделството.
„Дури посегнаа и по европските пари, поради што ИПАРД 3 програмата беше суспендирана поради криминалите на ВМРО-ОКГ“, соопшти СДСМ.







