Министерството за внатрешни работи доби донација од Соединетите Американски Држави во вредност од околу еден милион евра, наменета за Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства, соопшти МВР.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на Министерството присуствуваше на примопредавањето на опремата, обезбедена во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и преку програмата АТА, која е насочена кон зајакнување на капацитетите за борба против тероризам и експлозивни закани.
„Денес покажуваме дека нашето стратешко партнерство со САД е на одлично ниво. Се работи за најсовремена опрема во вредност од околу милион евра, која ќе помогне во заштитата на животите на граѓаните и припадниците на МВР“, изјави Тошковски.
Донацијата вклучува високософистицирана опрема како роботи за справување со импровизирани експлозивни направи, бомбашки заштитни одела, телескопски манипулатори, детектори на експлозиви, фибер-оптички камери, рендген апарати, специјализирано возило за транспорт на опремата, како и обука за припадниците на единицата.
Според министерот, припадниците на единицата веќе поминале соодветна обука организирана со поддршка на американската амбасада, што треба да овозможи побрза и побезбедна реакција при евентуални закани.
Вршителот на должност амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс, истакна дека донацијата ја потврдува заедничката посветеност на двете земји за зајакнување на безбедноста.
„Оваа опрема ќе им помогне на припадниците на единицата побрзо и попрецизно да ги детектираат и неутрализираат заканите. Силното партнерство меѓу нашите земји е клучно за справување со безбедносните предизвици“, изјави Варнс.
Од МВР нагласуваат дека новата опрема значително ќе ги подобри капацитетите на бомбашката единица и ќе придонесе за поголема безбедност на граѓаните и институциите.







































































































