Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на која се разговарало за актуелните безбедносни предизвици и улогата на Алијансата во зачувувањето на стабилноста и мирот.
„Денеска остварив средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте“, објави Мицкоски, посочувајќи дека разговорите се воделе „во духот на сојузништвото и заедничките вредности“.
Според него, на средбата станало збор за придонесот на државата во рамките на колективната одбрана, како и за понатамошното јакнење на соработката со Алијансата.
„Ја реафирмирав нашата цврста определба за понатамошно јакнење на соработката со НАТО и активен придонес кон регионалната и глобалната безбедност“, истакна премиерот.
Тој оцени дека средбата претставува потврда за силното партнерство и заемната доверба.
„Средбата претставува потврда за силното партнерство и заемната доверба, како и за нашата решеност да продолжиме да делуваме како кредибилен и одговорен сојузник во рамките на НАТО“, порача Мицкоски.
Засега нема дополнителни информации од Кабинетот на премиерот за конкретни договори или иницијативи произлезени од разговорите.







































































































