Од полноќ за 14,5 денари поскапува дизелот, а за 5 денари бензините. Ова се најновите цени кои ги објави Регулаторната комисија за енергетика.
Според новиот ценовник, дизел горивото ќе се продава по цена од 85,50 денари за литар, додека цената на најкористениот моторен бензин еуросупер-95 е утврдена на 79,50 денари за литар.
Во соопштението се појаснува дека ова се највисоките дозволени малопродажни цени, што значи дека трговците на големо и мало имаат законско право да ги формираат цените и пониско од утврдениот максимум.
Во меѓувреме соседна Србија на вонредна седница утрово, донесе одлука за забрана на извоз на нафта и сите нафтени деривати за погон на мотори до 19 март, додека пак хрватската влада ги ограничи цените на горивата.
Од Владата претходно порачаа дека доколку има драматичен скок на цената ќе се интервенира преку намалување на данокот или акцизата.







